Македонија
6. November 2025 - 13:08

Герасимовски додели 82 стипендии до 3.500 денари месечно на најдобрите ученици

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во изминатите два дена додели 82 стипендии на ученици од областа на науката, техниката, посебните вештини и културата.

Тој, потенцира дека овие ученици од основните општински училишта во Центар според утврдените критериуми покажале највисоки резултати и успеси на државните и меѓународните натпревари.

„Доделувањето на стипендии од областа на културата ми е секогаш најдраг момент. Денеска, стипендии добија 38 ученици кои според критериумите покажаа највисоки резултати и успеси на државните и меѓународните натпревари. Ова е ретка прилика да ги видиме младите уметници на дело, секој ученик со својата изведба и со својот автентичен талент. Овие стипендии се мотивација и финансиска поддршка за овие млади луѓе да ја покажат својата дарба пред македонската и светска публика, да се афирмираат и да ја претстават нашата општина во најубаво светло. Среќен сум што заеднички го славиме Денот на општината. Вашите успеси се нашата најголема гордост! Продолжете така , ние сме тука да помогнеме и да ве поддржиме. Ви честитам на сите!“, стои во објавата на Герасимовски на социјалните мрежи.