Македонија
23. January 2026 - 12:32

Герасимовски: 10 000 денари субвенција за обука и полагање возачки испит за младите од Центар

Општина Центар доделува субвенции за млади лица за полагање возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на општината.

- Право на субвенција имаат жители на локалната самоуправа кои во текот на 2026 година навршуваат 18 и 19 години (родени во 2007 и 2008 година), како и лица кои во 2025 година навршиле 19 години (родени во 2006 година), а уплатата за полагање на возачки испит ја извршиле во 2025 година, информираат од Општина Центар.

Висината на субвенцијата изнесува 10 000 денари со вклучен ПДД , а се користи исклучиво за полагање возачки испит Б-категорија.

-Со овие субвенции ги мотивираме младите навремено да го положат возачкиот испит  и безбедно да се вклучат во сообраќајот. Ова воедно е олеснување за семејниот буџет бидејќи добивањето возачка дозвола е прескап процес,  но  во исто време неопходен за секој млад човек, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Барањата со комплетна документација се доставуваат во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефон 02/3203-600 или на е-мејл адресите elif.idris@centar.gov.mk и anastazija.babulovska@centar.gov.mk.

МИА