Македонија
7. December 2016 - 17:49

Георгиевски: Гарантирани откупни цени за земјоделците, помали казни за фирмите

Претседателот на ВМРО-НП и носител на кандидатската листа за пратеници во изборната единица 4 на Коалицијата „ВМРО за Македонија“ Љубчо Георгиевски денеска од Струмица порача дека ќе предложат мерки за подобрување на состојбата на земјоделците.

- Земјоделските субвенци ги воведе нашата влада во периодот 1998-2002. Правевме и активни откупи на секој производ кој ќе дојдеше во криза. Како резултат на тоа имавме неповторливи цени на производи. Пред 15 години цената на житото беше 13 денари, денес е 7 денари, цената на млекото беше 25 денари, денес 15-17 денари. Пиперките пред 15 години се продаваа по 30 денари, а денес одвај 12-13 денари. Во таа насока продолжиме и ќе воведеме загарантирани минимални откупни цени, рече Георгиевски.

Влезот на Македонија во ЕУ и во НАТО ќе значи и најмалку двојно зголемување на висината на субвенциите кои ќе доаѓаат од Брисел, како и зголемување на конкурентноста на македоснкиот земјоделски производ на отворените европски пазари, смета Георгиевски.

- Во делот на нашите економски политики планираме да ја смениме праксата ДДВ да се плаќа на испорачана фактура, напротив тогаш кога фактурата ќе биде исплатена. Автомобилите ќе бидат ослободени од ДДВ, под услов ако станат дел од основните средства на фирмите што мислам дека ќе е од корист за многу фирми и граѓани. Казните ќе бидат драстично намалени, како што беа во време на нашите 4 години, рече Георгиевски. Најави воведување на можноста за предвременото пензионирање до 5 години без разлика дали стажот сака да го откупи поединец или фирма со што од Коалицијата ВМРО за Македонија очекуваат да ослободат повеќе илјади работни места.