Генерал потполковник Величковски на конференција на началници на ГШ на балканските земји
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски денеска учествуваше на единаесеттата по ред конференција на началниците на ГШ на балканските земји во Атина, Република Грција.
Како што соопшти ГШ на АРМ, на конференцијата било разговарано за севкупната геополитичка стабилност во југоисточна Европа и облиците на меѓусебната воена соработка во справување со безбедносните предизвици во регионот и безбедносните закани поврзани со нелегалната миграција и разните облици на меѓународниот тероризам.
Генералот Величковски за време на форумот оствари билатерална средба со командантот на НАТО командата во Неапол, адмирал Мишел Хоуард.
На средбата, како што информираат, се разговарало за континуираниот и интензивен процес на одбранбени подготовки на АРМ за членство во НАТО алијансата, зголемување на способностите на АРМ, интероперативноста и придонесот во меѓународни операции.
Генералот Величковски во одвоени разговори со НГШ од Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со други колеги разговарал за идентификување на можностите, облиците и мерките за зајакнување на натамошната воената соработка.
На конференцијата на НГШ на балканските земји учествуваат началниците на генералштабови од девет балкански земји членки, меѓу кои Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора, како и највисоки воени претставници на НАТО и ЕУ воените комитети и НАТО командата во Неапол, како и НГШ на Словенија и Хрватска во улога на гости на конференцијата.
Форумот се одржува еднаш годишно со ротирачки циклус на земја домаќин и претставува значаен механизам за соработка на полето на одбраната и промоција на регионалната безбедност на која се разменуваат идеи и произлегуваат иницијативи и приоритети за подобрување на меѓусебната координација и изнаоѓање на поконкретни и ефективни начини во понатамошна соработка и поврзаност.
Армијата на Република Македонија останува промотор на регионалната воена соработка и дијалог, давајќи значаен придонес во рамките на сите регионални иницијативи и одбранбена соработка.
Ново на Сител
-
Во пораст бројот на деца со деформитети
-
Преглед на вестите од светот
-
Осми „Марш на ангелите“ во Кочани
-
Арсовска достави докази
-
Тема на денот со Јана Белчева Андреевска, независна листа - „Шанса за Центар“
-
„Охрид трчаТ“ по деветти пат
-
СДСМ: 150 дивоградби во Чаир - урбаната мафија хара
-
Партиите со мeѓусебни обвинувања за трагедиите во модуларната болница и дискотеката “Пулс”