Гаши не го коментира Груби – партиите меѓусебно се обвинуваат
Собранискиот спикер Африм Гаши не сака да го коментира случајот на Артан Груби. Утрово на брифинг со новинарите тој вели дека политиката не треба да му се меша на судството.
„Има процес, нека си ја вршат својата работа совесно и професионално. Тоа ќе биде доволно сите граѓани да бидат задоволени. На крајот на краиштата, Битна е правдата“ – порача Гаши.
И додека Гаши демонстрира принципиелност партиите не штедат коментари. Кој од ДУИ му се заканува на Груби, прашаа утрово од Вреди.
„Дали стравот од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува и ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги, тера некого да користи мафијашки методи на заплашувања? Кој во ДУИ бара од Груби да го почитува мафијашкиот код “омертаʼ” за молчење и несоработка со институциите?“ – прашаа од Вреди.
ДУИ денеска не ја коментира оваа тема, за разлика од СДСМ кои ги испратија истите пораки од вчера
„Разоткриенo е секое делче од договореното сценарио и политичките дилови со кои се урна правата држава. Режирана претстава на границата. Со наочари, насмевка, лисици. Фалеше уште црвен килим за Груби. “ – порача СДСМ во соопштение утрово
Артан Груби останува во судската историја како еден од малкуте кои по 14 месеци бегство и меѓународна потерница добил можност истрагата за својот случај да ја чека во удобноста на својот дом.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
