Свет
29. јуни 2017 - 14:02

Габриел: Берлин нема да му дозволи на Ердоган да говори пред Турците во Хамбург

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел денеска соопшти дека Берлин ќе ја одбие молбата на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган да се обрати пред турската заедница во Хамбург, за време на Самитот на Г-20 закажан за идната недела.

Како што јави ДПА, Габриел нагласи дека Турција вчера официјално побарала од Германија да му биде дозволено на Ердоган да се обрати пред државјаните на Турција што живеат во Германија.

Според Габриел, германската Влада го одбила ваквото барање бидејќи не сака турските граѓани и лица со двојно државјанство што живеат во Германија, да бидат злоупотребени.