Свет
2. March 2017 - 12:43

Франсоа Фијон остро го нападна правосудниот систем, тврдејќи дека нема да ја повлече кандидатурата

И покрај пoканата од страна на судиите за 15 март за да му биде соопштено дека ќе биде обвинет, Франсоа Фијон кандидатот на конзервативната Републиканци, изјави дека ќе оди до крај со неговата кандидатура за претседател на Франција. Веднаш потоа, започна откажувањето поддршка од страна на неговите политички сојузници, јавува дописникот на МИА од Париз.

Франсоа Фијон, кој избра да остане во трката за Елисејската палата, и покрај можното обвинение на 15 март, е кандидат „самоубиец“, пишува денешниот француски печат, кој денеска зборува за „убиството" на правдата или демократијата.

Кандидатот на десницата и центарот, кој сите го гледааа како иден претседател на Франција по триумфот на прелиминарните избори на десницата, денес е сериозно ослабен од истрагата за наводните фиктивни работни места за жената му.

Пред новинарите тој вчера зборуваше  за „политичко убиство" и повторно ја осуди и обвини правдата за манипулација за да се лиши Франција за промена кон десницата и „пристрасност" на медиумите.

Претседателот Франсоа Оланд од своја страна само подвлече дека кандидатура за претседател не дозволува „да се фрла сомнеж врз работата на полициските службеници и судиите“.

Поранешниот премиер, кој ќе се сретне со судиите, истакнува дека поканата од судиите е само два дена пред истекот на рокот за официјалното поднесување на кандидатурата за претседател на Франција на 17 март.

- Му оставам на францускиот народ да одлучи, затоа што само гласањето, а не пристрасната постапка, може да одлучи кој ќе биде следниот претседател на Француската Република, рече Фијон.

Неговата екипа за предизборната кампања ќе одржи в недела во Париз, митинг за поддршка на плоштадот Трокадеро, во 15 часот.

Сепак, неколку лидери на републиканците, како пратеникот „саркозист“, Пјер Лелуш, го повика Фијон да се повлече, додека Бруно Ле Мер поднесе оставка како советник за меѓународни прашања.

УДИ, партијата на центарот во сојуз со Франсоа Фијон, одлучи да го „суспендира" своето учество во кампањата во очекување на конечната одлука.

Искушението за приклучување кон Емануел Maкрон расте кај партијата од центарот, откако другата партија на центарот Модем на чело со Франсоа Бајру, одлучија да го поддржат поранешниот министер за економија на Франсоа Оланд. 

Фијон ја губи поддршката не само од своите сопартијци, туку и од самите Французи, бидејќи според последните испитувања на јавното мислење, само една четвртина од испитаните Французи сакаат тој и понатаму да остане кандидат. Тој ја губи поддршката пред се кај симпатизерите на десницата.

Во меѓувреме, поддршката на Французите е за кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен и покрај тоа што таа има слична афера со фиктивни вработувања на своите асистенти во Европскиот парламент, сепак таа останува и понатаму како фаворит во првиот круг од претседателските избори.