Францускиот предлог влезе во бугарското Собрание – кревање на ветото на 23ти, услови во рамката
Францускиот предлог за македонска деблокада стигна до собраниската Комисија за надворешни работи во бугарското Собрание. Тој предвидува кревање на ветото на 23 јуни, но отворање на првите преговарачки поглавја откако Македонија ќе ја исполни главното барање, вметнување на Бугарите во Уставот.
Како што објавија дел од бугарските медиуми, францускиот предлог предвидува и “преговарачката рамка со Македонија да вклучува постигнување конкретни резултати и совесно спроведување на билатералните договори, вклучително и Договорот за добрососедство со Бугарија и Софиската декларација од мај 2018 година”
Се навадува и дека “Македонија треба да усвои Акционен план за заштита на правата на малцинствата, во областите на недискриминација, говор против омраза, образование, ефективни мерки, механизми за известување и идентификација на одговорни институции”
А одлука за почеток на преговори веќе е донесена од Европската Унија, пишува БГНЕС. Советот на ЕУ договорил финален документ кој ја содржи преговарачката рамка за пристапување на Македонија во ЕУ, како и декларација за отворање на првата Меѓувладина конференција со Скопје, а Петков дал зелено светло за кревање на ветото.
Предлог-одлуката на Европскиот совет содржи два дополнителни билатерални документи, чија содржина засега не е позната, пишува БГНЕС. Едниот е веројатно поопшт документ наречен протокол, додека другиот, што најверојатно ќе биде објавен се однесува на формулацијата на македонскиот јазик, што значи и негово де факто признавање.
Се објавува целосниот документ, од кој јасно се гледа дека ништо од досегашната официјална бугарска позиција не фигурира во предлог-одлуката, наведува бугарската Агенција, а запазен е само делот за внес на Бугарите во македонскиот Устав.
Бугарскиот претседател денеска предупреди на тешки последици, доколку Петков го крене ветото.
Денеска трет ден тензии во бугарското Собрание. Пратениците на раб на тепачка, откако пратеникот Костадинов од “Преродба”, вчерашните демонстранти кои ја поддржаа владата ги нарече “фашистички измет”, кои пробале да направат нов Мајдан во Бугарија.
Кулминацијата на бугарската политичка сцена ќе се случи в среда, за кога е закажано гласањето за недоверба на владата на Петков.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
