Македонија
17. јуни 2022 - 12:28

Францускиот предлог влегува во бугарското Собрание

Францускиот предлог за македонската деблокада денеска се очекува да стигне до бугарското Собрание. Документот, како што беше најавено, синоќа требаше да стигне и до владата во Софија, но засега официјално не е потврдено дали предлогот е разгледан од бугарските власти.

Се очекува овој текст да ги содржи бараните гаранции од двете земји со кои ќе дојде до решение и отстранување на ветото. Скопје бара гаранции дека барањето за влез на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем. Софија, пак, бара, ЕУ да биде гарант дека Македонија ќе ги исполни условите на Бугарија.

Со предлогот на француското претседателство вчера требаше да се запознаат и сите земји членки на Унијата.

Денеска реакции и меѓусебни обвинувања од политичките партии. За ВМРО ДПМНЕ, францускиот предлог значи влегување на бугарските барања во преговарачката рамка, што е чекор кон бугаризација.

“Ковачевски и Османи да одговорат како дозволиле бугарските барања да влезат во францускиот предлог, кој треба да биде рамката која се предвидува вклучување на бугарите во Уставот, негирање дека македонската нација постоела пред 1945, како и негирање на македонската јазична, историска и идентитетска посебност”, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Одговор добија од владејачката партија.

“Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ комплетно го изгубија компасот. Асимилација и бугаризација на Македонците и македонскиот народ очигледно е само желба на Мицкоски и очајнички лаги за заплашување на граѓаните. Исклучитечно опасни манипулации и тези со кои се поткопуваат нашите загарантирани позиции за зачувување на јазикот и индентитетот во преговорите со Бугарија користи ВМРО-ДПМНЕ”, реагираа од СДСМ.

Со коментар денеска се јави и бугарскиот претседател. Владата мора да ги отфрли сите сомнежи дека Бугарија може да отстапи од ветото, вели Радев.

А денеска продолжија тензиите во бугарското собрание, по смената на претседателот на парламентот и формирањето на новата коалиција.

Атмосферата се вжешти откако пратеникот на Преродба Костадинов употреби зборови како „фашистички ѓубриња“, што предизвика турканици меѓу пратениците.

Во меѓувреме партијата ИТН го загуби и шестиот пратеник.

Владата на Кирил Петков во моментов има поддршка од 109 пратеници, а за да го преживее евентуалното гласање на недоверба најавено за идната недела, ќе ѝ бидат потребни гласовите на 121 пратеник.