Францускиот предлог утре на комисиска расправа во бугарскиот парламент
Земјите членки на Европската Унија денеска се запознаваат со францускиот предлог за кревање на ветото за Македонија, а утре тој ќе пристигне и во бугарското Собрание на изјаснување.
Информацијата ја споделија бугарските медиуми, а според БГНЕС, бугарскиот премиер детално ги запознал своите соработници со својата намера.
„В четврток официјално ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре ќе го испратам во парламентот. Зад мене стојат Емануел Макрон и Олаф Шолц. Ќе го прифатиме, а потоа паѓаме и продолжуваме понатаму“, наводно е планот на Петков, како што пренесува бугарската агенција.
Веста ја потврди и Бугарското национално радио, од каде велат дека во текот на денов предлогот и официјално ќе стигне до бугарската влада.
На вчерашната владина седница на бугарската влада, беше усвоено барањето кое предвидува францускиот предлог веднаш да биде испратен до собраниската Комисија за надворешна политика, која треба да се изјасни по него.
„Со овој потег, Петков освен што ги изолира сите од ова важно прашање, вклучително и Министерството за надворешни работи, практично од бугарското општество крие се што поединечно договарал и продолжува да преговара со странските дипломати. Кирил Петков вети и брутален дипломатски напад врз сите бугарски политичари од странски дипломати во Софија. Според него, најактивни ќе бидат француските, германските и американските дипломати”, се вели во анализата на БГНЕС.
На крајот се додава и дека „вознемирувачки е и молкот на претседателот Румен Радев, кој пред еден месец му се заблагодари на претседателот Макрон за неговите напори“.
Инаку денеска Народното Собрание имаше уште еден бурен ден. По тензичната дебата, со 125 гласа за и 114 против, сменет е претседателот на парламентот Никола Минчев. Одлуката за смена ја донесе новата коалиција – ГЕРБ, Има таков народ, ДПС и Преродба.
Овие 125 гласа значат и мнозинство за уривање на владата на Петков, на гласањето за недоверба кое ќе се случи идната седмица.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
