Македонија
19. јуни 2022 - 16:32

Францускиот предлог предизвика поделби во Бугарија

Бугарското собрание и денеска е немо за францускиот предлог. Се уште не е закажана седницата на Комисијата за надворешни работи која треба да донесе мислење во однос на текстот, а на сајтот на Народното собрание нема информација ниту за пленарна седница на која пратениците ќе гласаат за францускиот документ.

Бугарската одлука се чека и во Скопје, бидејќи ставот на македонската влада е да се изјасни последна по предлогот. Премиерот Петков рече дека нема проблем да отпатува во Брисел без официјален бугарски став, но денеска за предлогот доби поддршка од еден од неговите коалициони партнери.

Лидерот на Демократска Бугарија оценува дека францускиот предлог е исклучително добар за Бугарија и дека ќе биде национално предавство доколку биде отфрлен.

“Ова е исклучително добар предлог за Бугарија, а ние сме на пат да го отфрлиме само поради тоа што сме во внатрешно политичка криза и поради тоа што оваа тема беше најбезобразно искористена. Се зборува за национално предавство...но сакам да им порачам на луѓето кои ја водат оваа кампања дека ако го отфрлиме тоа ќе биде национално предавство. Предлогот е многу добар бидејќи ги решава сите наши очекувања”

Критики за компетентноста на Петков упати лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер Бојко Борисов. Тој е убеден дека актуелниот премиер не е во состојба да го реши билатералниот спор меѓу властите во Софија и Скопје.

„Ја гледате ли подлоста? Тој се обидува тајно да договори нешто, а што потоа ќе излезе во јавност. Ете, се случило, но тој нема да испадне лош, бидејќи Парламентот така решил. Јасно е дека Петков не може да придвижи ништо напред, а што е поврзано со Македонија и Албанија“, смета Борисов.

А дел од бугарските медиуми известувајќи за вчерашниот протест на ВМРО ДПМНЕ, пренесоа дека станува збор за организиран собир против предлог решението на француското претседателство. 

“Во Скопје беше одржан голем митинг на ВМРО ДПМНЕ против францускиот предлог”, пренесе БНТ, додека БГНЕС во својот наслов го цитираше опозицискиот лидер - “Нема место за Бугарите во Уставот, Софија да клекне во Скопје и да се извини”.

Во Бугарија во моментов тема број еден е политичката криза која се создаде по распаѓањето на владината коалиција и опстанокот на владата на Петков која во среда ќе се соочи со гласање за недоверба.