Македонија
26. October 2019 - 9:18

Форум за туристичките потенцијали на Општина Велес

Велес е најголема општина  во Вардарскиот плански регион со голем број туристички атракции. Годишно покрај Велес по  автопатот Е -75 што се наоѓа на коридорот 10 на пат кон соседна Грција, транзитираат 3,5 милиони туристи од Србија, Унгарија и други земји од Централна Европа, но државата и општината досега малку направиле да ги задржат овие транзитни туристи.

На Форум што беше одржан вчера во Велес беше истакнато дека малку е познато во јавноста дека велешкиот регион има најразвиена  палентологија на Балканот со многу фосилни остатоци, од пред илјадници години, истакна  професор д-р Науме Мариноски од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид и  посочи дека тоа е посебна туристичка атракција која треба да им биде понудена на туристите.

-Овие локалитети во Велешко од кој најпознат е кај село Караслари имааат едукативно, научно истражувачко значење. Според тоа, различна туристичка клиентела може да ги посетувa, но за тоа треба да се организира просторот, да се обележи и да се направи сигнализација и визуелизација, посочи Мариноски.

Како втор атрактивен локалитет  го посочи Пешти, клисура на реката Бабуна, потенцирајќи дека нуди можности да се види клисурата и ретките растителни и животински видови и над 50 пештари, кои можат да бидат една од интерсените туристички дестинации во велешкиот простор.

Тој информира дека е вклучен во работата на една стратегија  за развој на туризмот во земјава  во која се бара изнаоѓање нови атрактивни локации и ќе предложи и побара Пешти како интересен локалитет да се вметне во таа стратегија.

Билјана Пејовска Ристеска, извршна директорка на Стопанската комора за туризам како втор излагач на Форумот, потенцира дека за туристичката дестинација да биде препознатлива треба да се направи производ конкурентен и препознатлив на домашниот и меѓународниот пазар.

– Но, за да се оформи тој бренд, слоганот, името и имиџот треба да биде кратко во вид на една кратка порака која ќе влијае до свеста на потрошувачот за вас да ве изберат како посакувана туристичка дестинација, појасни Пејовска Ристеска.

Таа им порача на велешени нивниот слоган биде  краток и атрактивен како на пример  Велес смарт, а што ќе биде привлечен да се посети.
 
Информира  дека во најновата рута на презентирање нови туристички локации од земјава освен Могилата на непобедените во Прилеп ќе  ја предложи како атрактивна локација да се вметне и  Спомен костурницата од НОВ  во Велес.
 
Градоначалникот Аце Коцевски потсети дека една од препознатливите туристички дестинации на Велес  е езерото „Младост“ каде наскоро ќе се реализира проектот  вреден еден милион евра насловен „Смарт езеро Младост“ за  привлекување на што поголем број на домашни и странски туристи. Тој потсети дека исто така велешката архитектура е една од трите препознатливи во земјава и затоа преостанатите реновирани стари  велешки куќи со атрактивна архитектура се привлечни за туристите, како и неколкуте спомен куќи во градот, црквата Св. Пантелејмон, Манастирот Св. Димитрија, а велешкиот регион има потенцијал за развој и на винскиот туризам.
 
На Форумот пред младите беше прикажан филмот за знаменитостите на Велес како и виртуелната туристичка прошетка низ значајните знаменитости на градот во рамки на проектот Македонија на дланка – Визуелен туристичко едукативен водич, за сите граѓани и за туристите од земјава и странство, а може да се искористи и  за едукација на учениците.