Македонија
20. February 2024 - 16:40

Фондот одби да го покрие лекувањето на Леонид Индов во Австрија

Леонид Индов нема да добие ниту денар од државата за лекување во странство. Фондот го одбил барањето а тој веќе замина во Виена каде ќе се лекува за да може самостојно да почне да диши. Државата го испрати со хеликоптер до австриската клиника а во меѓувреме фондот одлучи да не го покрие третманот кој овде не може да му го понуди. Од ФЗО за Сител велат за момчето согласно законот  била обезбедена рехабилитација во здравствените установи во државата.

„Барањето се одбива како неосновано бидејки не постои законска основа, согласно законските и подзаконските одредби за упатување на лекување во странство за извршување на здравствената услуга - медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.“

Родителите на Лео се разочарани од ваквата одлука на Фондот. Леонид не е на обична рехабилитација туку на специјално лекување кое било возможно само во две европски клиники во Швајцарија и Австрија. Дека во Македонија нема апаратура од тој вид потврдиле и самите специјалисти кои упатиле на лекување во странство.

Таткото на Лео се надева дека по ова, второстепената комиисја ќе ја  вклучи експертизата и ќе донесе нова одлука.

Јавно реагираше и заменикот народен правобранител кој побара фондот да ја преиспита ваквата одлука.

Инаку, транспортот на Леонид до Виена беше прв од таков вид во државата. Опремата на медикоптерот е донација од Европската Унија, а лекарски тим од „8ми Септември“ го придружуваше 19 годишниот Леонид се до клиниката во Австрија. Лео минатата година доживеа тешка несреќа на летување во Грција, каде веднаш беше опериран. Тој се здоби со сериозна повреда на рбетниот мозок. За него со месеци се собираа средства бидејќи лекувањето беше многу скапо.