Македонија
7. May 2023 - 16:38

Фокус: Како автопат од 2 км од 14 стана 28 милиони евра?

2 километри автопат – наместо 14, ќе не чини најмалку 28 милиони евра и тоа само под услов доколку до неговата изградба не се склучат нови анекси. 

„Фокус“ ги истражувал јавните набавки за првата траса од автопатската делница кон Блаце. 

„Гранит“ е компанијата која ја добила јавната набавка, иако првично понудила повисока сума од конкурентската бугарска компанија „ИСА 2000 ЛТД“. Но на електронската аукција „Гранит“ ја сменила понудата и на тендерот конкурирала со понуда од околу 12 милиони евра. 

Но потоа градежната компанија добила 3 милиони евра плус преку 5 анекси на основниот договор, со цел пролонгирање на времетраењето на договорот, како и внесување на позиции што не биле опфатени со премер-пресметката, заради квалитетно завршување на работите, се вели во истражувањето на колегите од „Фокус“.

Измените, како што тврдат од Јавното претпријатие за државни патишта за неделникот, измените на основниот договор биле направени поради неусогласеност на некои позиции во проектната документација.

Законот за јавни набавки забранува вкупната вредност на измените на еден договор за јавна набавка да надмине 20 отсто од вредноста на основниот договор, а во случајов со петте анекси се зголемил основниот договор за трасата кон Блаце за околу 18 отсто.

-ЈП за државни патишта одлучува кон крајот на минатата 2022 година да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата. Во рамки на оваа постапка, претпријатието на почетокот на годинава повторно склучил нов договор со „Гранит“ во вредност на дополнителни 11 и пол милиони евра, се вели во истражувањето. 

Лани кон крајот на летото надлежните го пролонгираа рокот на изградбата на автопатската делница до март годинава. Тогаш првиот човек на ЈПДП, пролонгирањето го правдаше со експропријација на земјиштето, но рече и дека требало да се изработат нови два проекти. Сега сме мај и се уште нема абер од историските два километри автопат кои се градат цели три години.

За да се комплетира делницата до граничниот премин, државата ќе треба да изгради уште 10 километри, но процедурата се уште не е почната.