Македонија
17. April 2021 - 16:47

Фирмите имаат уште десет дена да ги пријават вистинските сопственици

Блокирање на жиро сметките и казни до 60.000 евра за фирмите кои нема да направат упис во Регистарот на вистински сопственици. Рокот истекува на 27 април, а регистрацијата се врши електронски. Уписот на вистински сопственик е задолжителен за сите фирми, освен за трговци поединци и самостојни вршители на дејност.

“Сите правни субјекти што се регистрирани во Централниот регистар, без разлика на тоа дали се во Трговскиот регистар или во Регистарот на други правни лица, кога велам Регистар на други правни лица се однесува и на здруженијата, фондациите, сојузите, синдикатите, политичките партии, граѓанските организации. Значи, сите регистрирани правни субјекти имаат обврска да направат упис во Регистарот на вистински сопственици. Единствено се изземени трговци поединци, самостојни вршители на дејност, правните субјекти кои што се во државна сопственост, буџетските корисници и оние правни субјекти кои што се во стечај и ликвидација”, вели Марија Бошковска –Јанковски, директорка на Централен Регистар.

На сајтот на Централен регистар има видеа со упатства за упис во регистарот. Доколку некој и натаму има проблем може телефонски да побара помош од ЦРМ.

“Секое физичко лице без надомест, кое што поседува дигитален сертификат може бесплатно да ја изврши својата обврска за упис во Регистарот за вистински сопственици. Но, покрај физичкото лице, може да го направи и регистрациониот агент, а тоа по закон се адвокатите и сметководителите или, пак, некое друго овластено лице во име на правниот субјект да ја изврши таа негова задача”, објаснува директорката на Централен Регистар.

Повеќе од 45.000 фирми веќе упишале вистински сопственик. Обврската произлегува од Законот за спречување на перење на пари и финансирање тероризам, а по директива на ЕУ.

“Целта на регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на секој правен субјект скриен зад слоевита правна структура и целта е во насока транспарентно да се објави кој е тој што реално профитира од истиот. Мора да нагласам дека по 27.04 ќе имаат проблем по однос на нивното дејствување во правниот и во платниот промет. Односно, банките ќе мора да ги блокираат во платниот промет, односно им се раскинува деловниот однос со банките. Затоа, уште еднаш апелирам до сите правни субјекти да си го направат во најскор можен рок уписот во Регистарот на вистински сопственици“, апелира Марија Бошковска –Јанковски, директорка на Централен Регистар.

Во иднина секоја нова фирма или промена на сопственичката структура ќе мора да се упише во Регистарот на вистински сопственици во рок од 8 дена.