Финците утре ќе избираат нов претседател, Стуб и Хаависто во предност
Финците утре ќе избираат нов претседател, чија улога во водењето на надворешната политика стана поважна поради зголемените тензии со соседна Русија предизвикани од војната во Украина.
Двајца политичари предводат од вкупно девет кандидати: поранешниот конзервативен премиер Александар Стуб и поранешниот министер за надворешни работи Пека Хаависто од Партијата на зелените, кој е независен кандидат.
Анкетите покажуваат дека тие најверојатно ќе одат во вториот круг на 11 февруари.
„Идниот претседател на републиката пред сè ќе биде претседател на Западот, претседател на членка на НАТО, а еден од нашите најважни односи е нашето партнерство со Соединетите Американски Држави“, рече Стуб неодамна во телевизиско интервју.
„Сите претседателски кандидати се залагаат за независност на Финска и за нејзината нова улога како членка на НАТО“, рече Хана Вас, заменик-декан на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Хелсинки.
Според неа, „се чини дека сите имаат силна идеја која ја нагласува самодоволноста, во смисла дека во иднина Финска треба самостојно да се грижи за сопствената одбрана и исто така активно да придонесува за градење на заедничка европска одбрана и нордиска соработка“.
Туомас Форсберг, професор по надворешна политика на Универзитетот во Тампере, рече дека сите кандидати имаат слични ставови во надворешната политика.
Истражувањето на јавното мислење, чии резултати во понеделникот ги објави дневниот весник „Хелсингин саномат“, покажа дека Стуб е во водство со 22 отсто поддршка од гласачите, а Хаависто е на второ место со 20 отсто.
„И двајцата имаат големо искуство во внатрешната и надворешната политика, што се чини дека гласачите најмногу го ценат“, рече Вас.
Веднаш зад двајцата е кандидатот на крајнодесничарската Партија на Финците, Јуси Хала-ахо, кој е поддржан од 18 отсто од гласачите, а зад него е поранешниот еврокомесар Оли Рен, кој е поддржан од Партијата на Центарот, со 12 проценти од избирачите.
„И Хала-ахо и Рен би можеле да влезат во вториот круг“, рече Форсберг.
Одѕивот на гласачите на претседателските избори во Финска вообичаено е околу 70 отсто.
Ново на Сител
-
Во Загреб изложба на фотографии во чест на 50 години соло кариера на Влатко Стефановски
-
Топол бран до средината на следната седмица, ИЈЗ со препораки за заштита на повозрасните
-
Саудиска Арабија и Индонезија потпишаа договори вредни околу 27 милијарди долари
-
Рекордна потрошувачка на вода во Скопје – „Водовод и канализација“ апелира за рационално користење
-
Блокади во голем број градови во Србија, полицијата се обиде да влезе на Правниот факултет
-
Денеска е Преподобен Наум Охридски – Чудотворец, исцелител и просветител на македонскиот народ
-
Генералните директори на ФЗО ќе информираат за постигнатите резултати во изминатата година
-
Зеленски: Преговорите меѓу Киев и Вашингтон за воена помош од САД продолжуваат