Македонија
24. July 2019 - 12:09

Финализираат реформите за полноправно членство во НАТО

Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, на вчерашната седница со која претседаваше премиерот Зоран Заев, расправал за статусот и напредокот на реформите на безбедносните служби.

Како што соопштуваат од владината прес-служба, на седницата пред членовите на Комитетот, директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, информирал за интензитетот на активностите и системските решенија преземени за структуирање на новоформираната Агенција (АНБ), следејќи ги критериумите и стандардите на Северноатлантската Алијанса.

-Беа разгледани и начините за воспоставување на безбедносна комуникација со НАТО и  разгледани можности за обезбедување просторно решение за постојаната мисија на нашата земја како полноправна членка на НАТО, стои во соопштението.

На седницата, членовите на Комитетот разговарале и за одделни прашања кои се однесуваат на остварување на дадената рамка за продолжување на домашните реформи, како и за текот на досегашната ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на земјите-членки.