Македонија
23. January 2017 - 14:12

Филмот „Џган“ во натпреварувачката селекција на фестивалот во Гетеборг

Филмот „Џган“ (англиски наслов „Amok“) по сценарио и режија на Вардан Тозија, на 29 јануари ќе биде прикажан во натпреварувачката селекција на Филмскиот фестивал во Гетеборг, Шведска, соопшти македонскиот продуцент на филмот „Дрим фектори“. 

Филмот, кој е снимен со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на РМ и SEE Cinema network, светска премиера имаше во Чикаго, а потоа и неколку прикажувања и награди во Европа. 

Главните улоги ги играат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски. 

Филмскиот фестивал во Гетеборг се одржува од 1979 година и е водечки во нордиските земји. Минатата година фестивалот имал 450 филмови од 84 земји и над 130.000 посетители.