Македонија
14. May 2021 - 16:37

Филипче тврди дека младите ќе почекаат за вакцини додека на пунктовите се боцкаат и средношколци

Наместо до утре, пријавените на вакцинација.мк кои аплицирале до крајот на април, сега ќе чекаат до понеделник за да добијат термин. Министерот го пролонгира рокот а со тоа и нетрпението кај дел од граѓаните кои реагираат дека 30 годишни добиваат вакцина а постари  уредно чекаат да им стигне смс порака. Филипче порача дека овој период младите ќе почекаат а  лицата над 70 години ќе имаат приоритет за имунизација. Здравствените власти иако најавија дека нема да има вакцинирање на граѓани под 40, сепак, денешните слики од терен покажуваат дека вакцини добиваат и ученици во средно. Претседателот на Сојузот на средношколци објави на социјалните мрежи дека е вакциниран. Тој за Сител потврди дека во неговиот град немало голем интерес на повозрасните групи.  

-На почетокот на оваа недела одлучивме дека таа граница ќе биде 40 години, и оние помлади од 40 ќе почекаат нешто повеќе. Значи, помладите кои успеале да се вакцинираат е зашто во општината, односно во пунктот веќе била исцрпена бројката на вакцинирани постари граѓани, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Според последните податоци од Министерството за здравство, досега биле аплицирани над 175 илјади дози на вакцини а целосно се заштитени нешто повеќе од 25 000 граѓани.

Денеска треба да пристигнат 38 000 вакцини Астра Зенека преку ковакс механизмот од кои 24 000 се за ревакцинација а останатите за постарите од 70 години. Утре, пак, во земјата треба да бидат транспортирани и 100 000 дози од Синофарм кои се донација од кинеската армија и ќе бидат распределени во пунктовите низ земјата.