Македонија
5. December 2020 - 19:53

Филипче предупредува - нема лек за Ковид-19

Граѓаните во никој случај не смеат да земаат лекарства на своја рака против Ковид 19, без консултација со лекар. Постојат огромен број клинички  студии во Светот кои испитуваат лекови, но специфичен и посебен лек за оваа болест нема, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Се прави комбинација на постојни терапии за некои други болести и согласно симптомите што ги дава оваа болест. Граѓаните мора да знаат дека има широка лепеза на симптоми, со кои што оваа болест може да се манифестира – изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Во однос на лекувањето, Филипче истакна дека постои протокол, но тој не е унифициран, зашто нема еден терк на лекување и кај различни пациенти, болеста се јавува во различни форми.

Има толку многу различни клинички форми, што секоја бара поинаков пристап, поинакво лекување, поинакво дозирање на истите лекови кои доаѓаат во предвид за давање при соодветна манифестација и во таа смисла тоа е така насекаде во Светот. Затоа е многу важно, сите кои имаат и најмали симптоми, било каков чекор да направат во однос на лекувањето да биде во консултација со лекар- додаде Филипче.

Филипче денеска го посети Здравствениот дом во Штип, а од Центарот за јавно здравје доби уверување дека има доволен број ПЦР и брзи тестови и дека дневно се вршат по 100 тестирања.