Македонија
3. December 2025 - 16:47

Филипче останува единствен функционер во СДСМ, вели дека лично ќе го води процесот на партиски реформи

По вчерашните оставки, Филипче во моментов е единстевниот функционер во СДСМ. И денеска вели дека нема намера да се повлече од функцијата бидејќи тој лично ќе го води процесот на реформирање на партијата, а тоа му дава право да го избира и тимот со кој ќе работи. Неговите потези тврди дека немаат никаква поврзаност со Заев, за кој Филипче вели дека 5 години е надвор од политиката, а нивните контакти биле приватни.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак прашуваат - до кога Филпче ќе ја држи лидерската функција во СДСМ само за да му удоволи на Заев и на нивните бизнис интереси.

Владејачката партија е со став дека реформите во СДСМ мора да стартуваат со оставка на Филипче.

Претседателката Сиљановска вели дека иако оставките се внатрепартиско прашање, сепак на СДСМ им посака час поскоро да ги надминат проблемите, бидејќи на државата и треба силна опозиција 

Дел од актуелните пратеници на СДСМ од кои денеска побаравме став, не сакаа да ги коментираат вчерашните осавки, додека поранешни функционери на партијата преку социјалните мрежи искажаа различни ставови.

Екс градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов кој го замрзна членството со СДСМ откако не доби поддршка за нов мандат, ги поздрави оставките. 

Ова е одлука што треба да се поздрави, затоа што отвора простор за вистинска промена“, напиша Костадинов на Фејсбук.

За разлика од него пак поранешната пратеничка на СДСМ Софија Куновска, кометира – сите дома, само Филипче останува. 

Венко никогаш и немал на памет идеја дека е дојден да победува СДСМ.Но едно нека остане запаметено, а тоа е дека цената за овие „туѓи бели дворови“ ќе ја плати не само СДСМ, туку и ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани на Македонија, напиша Куновска. 

На барање на Филипче вчера оставки поднесоа заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, партиските потпретседатели, генералниот и организиациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор. Чекорот следи по внатрепартиската анализа за изборниот резултат и потребата од кадровско освежување. Според најавите од партијата нови членови на раководството ќе се избираат во следните две недели.