Бизнис
23. August 2021 - 16:42

Филипче не сака да се менуваат антиковид мерките - Угостителите бараат зголемување на границата за прележани

Министерот за здравство смета дека не треба да се променат постоечките услови за влез во затворени простории сè додека не се зголеми колективниот имунитет. Сепак, Филипче вели дека на утрешниот состанок Комисијата за заразни болести ќе ги разгледа барањата од угостителите да може да примаат гости кои пред најмногу шест месеци прележале Ковид-19 или поседуваат негативен ПЦР тест.

Угостителите се гневни на новите мерки бидејќи нивната работа е драстично намалена. Сметаат дека тие не се причина за ширење на вирусот и затоа бараат Владата да ги послуша нивните барања. Струмичките угостители веќе најавија протести. Почнувајќи од утре секојдневно во периодот од 11 до 13 часот ќе блокираат дел од главните улици, но и влезовите во градот.

Премиерот Заев вели дека ако се дозволел влез со негативен ПЦР тест, гужвите што би се создале за тестирање ќе претставуваат дополнителен ризик за ширење на Ковид-19.

Во меѓувреме, Пазарната инспеција и Полицијата постојано се на терен и велат дека се почитуваат протоколите за работа. Во текот на викендот од извршени вкупно 2.120 контроли, затворени се само три угостителски објекти, еден во Гостивар и два во Скопје, бидејќи во нив биле затекнати гости без сертификат за вакцина или доказ за прележан Ковид-19 пред најмногу месец и половина.