Македонија
4. March 2019 - 17:36

Филип Рикер, идниот американски помошник државен секретар задолжен за Европа во посета на земјава

САД ќе продолжат и натаму активно да го поддржуваат регионот на патот кон интеграциите во ЕУ и НАТО, а Северна Македонија со Договорот од Преспа направи огромен исчекор на тоа поле, порача поранешниот американски амбасадор во земјава Филип Рикер, кој престојува во посета на земјава.

Велејќи дека во Македонија се чувствува како дома, Рикер, кој наскоро ја презема високата дипломатска функција – американски помошник државен секретар за Европа и Евроазија, истакна дека сите во САД се свесни и го препознаваат успехот постигнат со Договорот од Преспа, со што е отворен патот за членство во НАТО, а со решението за името се забрзува и европската интеграција на земјава.

На заедничката средба со премиерот Заев биле потврдени досегашните и трајни пријателски односи утврдени со Декларацијата за стратешко партнерство со САД.

Според Заев, членството во НАТО ќе создаде услови за економски напредок во земјава, но остануваат реформите во правосудниот систем, јавната администрација и борбата против корупцијата.

На работната агенда на Рикер беше и средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој на америкаскиот дипломат му посочил дека стратешки интерес на партијата е членство во ЕУ и НАТО , но и дека власта спроведува злоупотреба на институциите, нарачани обвиненија, притвори и пресуди.

Високиот американски дипломат во текот на денот имаше средби и со лидерот на ДУИ АЛи Ахмети, како и со шефот на дипломатијата Димитров, вицепремиерите Анѓушев и Османи, на кои биле отворени темите за актуелниот политички контекст во кој се наоѓа Македонија.

.be