Живот
28. October 2023 - 16:35

Фестивал на костенот во Македонски Брод

Во Македонски Брод по 16-ти пат се одржа манифестацијата Костенијада која од годинава трае 2 дена и е преименувана во Фестивал на костенот. Костенот пак е најпознатиот бренд од Поречието кој што е баран низ цела Македонија и пошироко. Во просек тука се произведуваат по околу 300 тони на костени годишно, што претставува дополнителен приход за голем број семејства. Но проблем е што до костеновите шуми тешко се стигнува, нема инфраструктура, а дел од дрвјата веќе започнале да се сушат и треба да се заштитат.

„Во последниве неколку години е сушење на костеновите стебла, така да ние како локална самоуправа во текот на оваа година планираме да изработиме една студија од страна на стручни лица и да преземеме соодветни мерки за заштита на самиот костен“, рече Жарко Ристески, градоначалник на М. Брод.

Жителите велат дека доколку би имало патишта годишно би се собирале и повеќе костени.

„Тешко е во шумите да се појди до костенот, ама и тежок е за збирање, но мора да се собери костенот.

Се исплати?

Па, се исплати“, вели еден жител на М. Брод.

„Кој има добиток со магаре, со маска, кој нема ранецот, што друго?

Пристапни патишта нема?

Има во некои села, во моето село нема“, рече друг жител на М. Брод.

Освен костенот беа изложени и други производи од засега најеколошкиот крај во Македонија.

„Ентузијасти има како што гледате, само треба капацитети и поддршка од институциите за да може да се реализираат проекти како што е еве нашиот“, кажа еден жител на М. Брод.

„Карактеристиките на костеновиот мед, се смета за најдобар и најквалитетен мед во Македонија, го нема во цела Македонија, само во одредени подрачја“, истакна друг жител на Поречието

Како дел од манифестацијата се одржа и уникатна изложба на ракотворби од костен кои ги изработија децата од градинката, средното и основните училишта во Брод.

„Успеавме, традицијата ја внесовме во оваа изложба и буквално нема дете што нема желба да направи. Вметнати се и исклучиво сите изработки се во врска со костенот“, вели Милена Стојческа, директор на Домот за култура во Македонски Брод.

За сите присутни се одржа и дефиле од учесниците на манифестацијата од Домот за култура до центарот на градот и културно уметничка програма.