Македонија
15. October 2020 - 10:56

„Фајненшл Тајмс“: На Македонија и е неопходен попис на населението

Најновата членка на НАТО, Македонија, според некои статистичари, можеби загуби и до една четвртина од своето население, откако беше единствената земја што мирно се одвои од Југославија во 1991 година, наведува лондонскиот весник „Фајненшал Тајмс“ во текст под наслов „ Македонија се соочува со демографски предизвик“.

Весникот го цитира претседателот Стево Пендаровски, според кого, падот на населението е најголемиот предизвик за Балканот. – Ако во првите децении (од распадот на Југославија) нашата најголема закана беа етничките тензии, во текот на последната деценија тоа е демографија: се поголем број луѓе заминуваат, ја пренесува „Фејнешл Тајмс“ изјавата на шефот на државата.

– Со пописот во 2002 година во земјата се регистирани речиси 2,1 милиони луѓе. Анализата на регистрите на родени и на починати, како и даночните и други бази на податоци, наведоа повеќе експерти на заклучок дека реалното население сега е близу до 1,6 милиони, наведува лондонскиот весник, пренесувајќи го ставот на Пендаровски дека „трендовите се прилично јасни и никој не предвидува дека падот на населенито ќе запре или ќе забави“.

„Фајненшл Тајмс“ потсетува дека пописот кој првично беше најавувано да се одржи оваа година беше одложен поради предвремените парламентрани избори, додавајќи дека владејачките социјалдемократи предлагаат тој да се организира во април следната година.

– Пописот во минатото беше одлаган поради неподготвеноста да се потврди прецизно етничкиот состав на населението меѓу Македонците, Албанците и другите малцинства. Пописот од следната година во Македонија треба да обезбеди важни податоци за стапките на вработување и природниот прираст, смета авторот на статијата.

Весникот потенцира дека како и во другите европски држави, стареењето на населението ги оптоварува јавните финансии на земјава.

– Македонија има околу 350.000 пензионери, а субвенциите на државните пензински фондови беа на ниво од 4,5 отсто од БДП на земјата во 2018 година. Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за економски студии и поранешен советник на министерот за финансии, вели дека падот на населението и емиграцијата ги намалува и бројноста на човечкиот капитал и потенцијалот за долгорочен економски раст, додава „Фајненшл Тајмс“.

Весникот потестува дека конечно кон крајот на март ЕУ одобри почетокот на преговорите за членство со Македонија, но наведува дека зачленувањето во Унијата нема да го реши проблемот со намалување на бројноста на наслението, посочувајќи ги примерите со Хрватска и Бугарија кои се соочија со голема емиграција по приемот во ЕУ.

„Фајненшл Тајмс“ пренесува и изјава на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, според која, околу 200.000 Бугари се вратиле во земјата во март годинава по ширењето на пандемијата на коронавирусот низ Европа, затоа „што се чувствувале побезбедно дома во Бугарија“.

– Захариева вели дека нејзината Влада работи со големи компании во обид да најдат работни места со цел да ги задржат овие луѓе во Бугарија по завршувањето на пандемијата. Според студијата, спроведена во јануари од страна на бугарското Министерство за труд и социјална политика, 60 проценти од младите кои студираат или работат во странство, би сакале да се вратат во Бугарија, доколку можат да најдат соодветно вработување. Со надеж дека ќе профитира од привремено враќање на граѓаните за време на пандемијата, Владата иницираше кампања „Бугарија те сака“ („Bulgaria wants you“), се наведува во статијата.

Што се однесува до земјава, прва работа што треба да ја направи, според весникот, е да утврди колку всушност точно луѓе живеат во неа, по речиси две децениско нагаѓање на бројноста на населението.

„Фајненшал тајмс“ за крај на статијата го пренесува ставот на претседателот Пендаровски дека е „апсолутно е клучно земјата да го спроведе пописот следната година, затоа што не е можна здрава политика во која било област без точна статистика. Во моментов сите витални статистички податоци се засноваат на проценки и тоа не е нешто што треба да прави сериозна администрација“.