Бизнис
15. February 2017 - 17:50

Европските синдикати бараат повисоки плати во Европа

Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ) започна кампања за зголемување на платите на работниците во цела Европа, со посебен акцент на источноевропските држави, каде просечните примања на вработените се пониски во споредба со земјите во останатите делови на континетот.  

- Корпоративна Европа се опоравува од кризата, но во исто време само еден процент од населението на континетот доби повисоки приходи. Платите на работниците не се зголемени со години, што се одразува не само на зголемувањето на социјалната нееднаквост, туку и врз економијата во целина, се наведува во соопштението на ЕТУЦ по повод стартот на кампањата „Европа сака зголемување на платите“.

Според генералниот секретар на ЕТУЦ, Лука Визентини, недозволиво е во некои делови на Европа да има 10 пати пониски плати од европскиот просек.

- Тоа претставува експлоатација и дампинг. Ниските плати во Источна Европа и нанесуваат штети на економијата на ЕУ, на слободното движење на луѓе и капитал и на пазарот на трудот, изјави Визентини. 

Тој нагласи дека зголемувањето на висината на минималните плати е една од мерките за зголемување на приходите на вработните, но дека таа не е доволна, бидејќи примањата во земјите од Источна Евопа се значително пониски во споредба со другите европски држави.

- Единствен начин за зголемување на платите е колективното договарање, изјави Визентини.

Според податоците на ЕТУЦ, најниска минимална плата во ЕУ има во Бугарија во висина од 235 евра. Во Романија таа изнесува 321 евро, во Грција 586, а во Луксембург 1.999 евра.