Македонија
25. November 2024 - 16:33

ЕУ утре ќе донира 6 електрични автобуси на ЈСП, Владата ќе купи уште стотина

Електричните автобуси за јавен превоз ќе се набават на тендер, најави премиерот Мицкоски. Планот е да се купат меѓу 100 до 120 автобуси од кои 80-ина би биле наменети за Скопје, а останатите за другите градови кои имаат градски превоз.

„Станува збор за електрични автобуси, еколошки заедно до 50 места за полнење односно полначи и со сета таа арматура којашто е потребна за сите овие автобуси да се полнат. времетраењето на полнењето ќе биде околу два и пол часа што ќе биде доволно за 350 и 400 километри да сообраќајат на дневно ниво“ – Христијан Мицкоски, премиер

Во моментов се дефинираат условите и се подготвува техничката документација. Премиерот очекува тендерот да биде распишан до крајот на годината.

„Условите на плаќање ќе бидат такви да почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 на осум полугодишни рати, што ќе е во период од четири години или период од три години грејс период, така што мислам дека ќе биде добар проект“ – Христијан Мицкоски, премиер

Утре ЈСП ќе добие 6 електрични автобуси како донација од Европската Унија.

„Засилениот возен парк на ЈСП е исто така во согласност со Зелениот договор на ЕУ и стандардите за квалитет на воздухот низ Европската унија, кои имаат за цел да го сведат загадувањето на нула до 2050 година и да помогнат во спречување на предвремени смртни случаи поради загадениот воздух. Секој автобус е со капацитет од 98 патници (69 стоење + 29 седишта), вклучувајќи и за лицата со попреченост, со што дополнително се подобрува нивниот пристап до основните услуги и се обезбедуваат можности за пристапен јавен превоз и безбедна урбана мобилност“, велат од делегацијата на ЕУ во Македонија.

Новите возила се добредојдени во претпријатието особено во период кога недостасуваат голем број автобуси и затоа има гужви по постојките, а дел од граѓаните кои чекаат не успеваат да се качат бидејќи нема место.

Од денеска, пак, повторно сообраќааат и дел од приватните превозници. Возат само оние кои имаат финансиски можности.

Во меѓувреме, ЈСП ја троши нафтата позајмена од државните резерви. Обезбедени се количини за до крајот на неделава, а дотогаш треба да се реализира ургентна набавка преку Бирото за јавни набавки.