ЕУ нема ,,план Б" за европските интеграции на Македонија - Кошта вели: Што е договорено, е договорено
„Јасно е дека што е договорено е договорено. Немаме што друго да се договараме“
Јасна порака од претседателот на Европскиот Совет по двочасовната средба Мицкоски - Кошта. Европската Унија нема „План Б“ за европската интеграција на Македонија и државата мора да ги исполни обврските од преговарачката рамка, односно да ги вметне Бугарите во Уставот.
Сепак, Кошта вели ЕУ има разбирање за се што досега направи Македонија и иднината на државата е во Унијата.
-Овој процес се одвиваше навистина премногу време и сега е време да се испорачаат резултати, вели Кошта.
Според првиот човек на Европскиот Совет, државата мора да продолжи да вдижи во две димензии.
-Се работи за конкретни резултати за Северна Македонија и за граѓаните на Северна Македонија. Токму затоа реформската агенда е многу важна, планот за раст е мошне важен и треба да ги конкретиризираме инвестициите како Коридор 8, модернизирањето на Коридор 10. Тие ќе дадат конкретни резултати за вашата земја и за вашите граѓани. Истовреме, треба да се надмине овој процес на пристапување, а за тоа неопходно е да се спроведат одредени реформи, но исто така, да се испорача она што беше договорено во 2022 година, рече Кошта.
За премиерот – преговарачката рамка е грешка на претходната Влада на СДСМ и ДУИ. Уставни измени без гаранции се неприфатливи за Владата. Мицкоски вели, немаме проблем во него да се вметнат било кои националности, но во конкретниот случај со Бугарија Мицкоски не гледа фидбек од другата страна.
-Нашиот став е јасен и принципиелен. Ние тоа не можеме да го прифатиме, без да видиме добра волја и испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, тоа е бугарската страна. Да имаме проблем и затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем. И ова е двонасочна улица, ако испорачува едната страна континуирано, а другата ништо, тогаш нема цел, нема поента, рече Мицкоски.
Прашан зошто не побара средба со својот бугарски колега сега, кога Бугарија веќе има политичка Влада, Мицкоски рече дека досега двете влади оствариле средба и на министерско ниво, но и претседателите на двете држави имале неколку средби. Средба е можна, но со посредство на ЕУ.
-Јас сум подготвен во било кое време, и таа подготвеност му ја пренесов на претседателот Кошта да дојдам во Брисел, дали во негово присуство, дали во присуство на претседателката Фон дер Лајен, во кое било присуство, да седнеме и да разговараме било кога и било колку и да треба за да дјдеме до заедничко решение како и двете страни да испорачаат. Интеграрирањето подразбира вредности, а вредностите подразбираат консензус и двонасочна улица, рече Мицкоски.
По средбата со Мицкоски, Кошта се сретна и со претседателката Сиљановска Давкова. Како дел од балканската турнеја претходно беше во Белград и Сараево. Од Скопје Кошта продолжува во Тирана каде му се придружува и Мицкоски.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар