ЕУ: Иднината на Западниот Балкан е во Унијата
Советот на Европската унија денеска побара од Европската комисија да подготви план и мислење за тоа дали да се прифати апликацијата за членство на Босна и Херцеговина во Унијата, со што оваа балканска држава би можела да го започне процесот на пристапување во кој заедно со Косово е последна држава од Балканот, што се уште на почетокот пристапниот процес.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на 15 февруари 2016 година, претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ ја презентираше апликацијата на БиХ за членство во Европската унија, па денеска Советот одлучи да ја спроведе постапката утврдена со член 49 од Договорот за Европската унија и соодветно на тоа, Европската комисија е повикана да даде мислење по неа.
Потсетувајќи на обновениот консензус за проширување на Унијата, како што е искажано во заклучоците на Европскиот совет од 14 и 15 декември 2006 година, Советот потврди дека „иднината на Западен Балкан е во Европската унија“.
Сепак, Советот на ЕУ повторува дека напредокот на секоја земја кон Европската унија зависи од индивидуалните напори и тие да се во согласност со критериумите од Копенхаген и условеноста од Процесот на стабилизација и асоцијација.
Потврдувајќи ги претходните заклучоци на Советот, особено оние од 15 декември 2015 година и недвосмислена посветеност на перспективата во Европската унија на Босна и Херцеговина, како единствена, обединета и суверена држава, Советот го поздрави значителниот напредок во спроведувањето на реформската агенда што е договорено од страна на властите во БиХ, на сите нивоа.
- Советот ја повикува Босна и Херцеговина да продолжи со своите напори за да обезбеди ефективна имплементација на агендата за реформи во согласност со распоредот на планот на активности договорени од страна на босанските власти, а во корист на граѓаните и во тесна соработка со Европската унија, меѓународните финансиски институции и меѓународните партнери, како и со граѓанското општество. Ова треба да продолжи со вклученост, како и со спроведување на социо-економски реформи, реформи во областа на владеењето на правото и јавната администрација. Советот ја поканува Еврокомисијата да поднесе извештај за спроведувањето на реформската агенда, вклучувајќи и механизам за координација. Кога ќе го подготвува мислењето за апликацијата за членство на Босна и Херцеговина, Советот бара од Комисијата да посвети посебно внимание на спроведувањето на пресудата „Сејдиќ-Финци“, се наведува во денешното соопштение на Советот на Унијата.
Исто така, денеска Советот го поздрави потпишувањето на Протоколот за адаптација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) и земањето предвид на пристапувањето на Хрватска во Европската унија. Целосната имплементација на ССА, вклучително адаптацијата, според официјален Брисел, е важен елемент на посветеноста на земјата во процесот на интеграција во ЕУ.
На крајот во своето соопштение, Советот на ЕУ го поздрави договорот за воспоставување на механизам за координација за работите поврзани со Европската унија во БиХ и ги повикува сите нивоа на власта во Босна и Херцеговина да обезбедат ефективна имплементација, како важен чекор кон подобрување на квалитетот и функционалноста.
Ново на Сител
-
Апсења на аеродромот во Скопје и на границата „Деве Баир“
-
Димовски: Потребна ни е сплотеност и единство за опстојување и сочувување на македонската држава
-
Возач загина откако удрил со возило во надворешната капија на Белата куќа
-
Тешка сообраќајка на патот Дебар-Маврово, двајца повредени
-
Сообраќајот непречено по наместа влажни коловози
-
Бернар Арно прв на листата на најбогати луѓе во светот, Маск на третото место
-
Драма во Кавадарци: 18-годишник нападнал полицајци кои се обидувале да приведат побегнат затвореник
-
Меси се запиша во историјата на МЛС лигата – Гол и пет асистенции