Loading Video...
Бизнис
12. November 2021 - 16:40

ЕСМ најавува рестарт на вториот блок од РЕК Битола во недела

Висок напон на струја го предизвикал пожарот во РЕК Битола, кој се случи пред точно една недела, информираат од ЕСМ. Велат дека стручни лица интензивно работат на оспособување на трансформаторот од Блокот 3, што беше оштетен од пожарот.

Во меѓувреме се спроведуваат завршни активности на Блокот 2, кој в недела треба да биде ставен во функција. Од ЕСМ потенцираат и дека се формираат солидни залихи на јаглен во рудниците на РЕК Битола.

Енергетските компании тврдат дека состојбата со домашно производство полека се стабилизира, а со тоа се намалува и количината на струја која се влече од европската заедничка мрежа. До сега МЕПСО направи трошок меѓу 16 и 19 милиони евра поради интервентното повлекување струја. Доколку државата го покрие овој трошок, како што вети, тогаш тоа не би требало значајно да се одрази на сметките на потрошувачите.

Но, цената на струјата ќе расте во наредниот период, а на тоа вчера предупреди и првиот човек на Европската енергетска заедница. Јанез Копач порача да се штеди струја, но и да се направи стратегија за помош на ранливите категории граѓани.

Од Владата велат дека нема простор за загриженост бидејќи веќе подготвуваат нова програма за заштита од енергетска сиромаштија, со која ќе се прошири опфатот на граѓани кои ќе добиваат таква помош. Во моментов над 45.000 корисници добиваат по 1.000 денари за покривање на дел од трошокот за струја.

Европа со најразлични мерки помага да се зачува куповната моќ на граѓаните во услови на драстичен скок на цената на струјата и гасот. Франција дава ваучери од 100 евра, а на добавувачите им забрани да ги исклучуваат потрошувачите за неплатени сметки. Наместо тоа ќе им испорачуваат струја со помала моќност, нешто што подолго време е пракса во Италија. Ваучери добиваат и ранливите категории граѓани во Чешка.

Обединетото Кралство обезбедува попуст на сметките од 100 до 300 фунти, а може да се добие и грант за исплата на долговите за струја.

Грција ги помага сиромашните со околу 40 евра месечно за струја и плус еднократна финансиска помош за греење.