Ескобар и Лајчак во Косово во обид да го поттикнат дијалогот со Србија
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак допатуваа вчера попладне во Приштина, во обид да му дадат нов поттик на косовско-српскиот дијалог за решавање на споровите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
По средбите со косовските државни челници, Лајчак на заедничка прес-конференција со Ескобар и со косовскиот премиер, Курти изјави дека денешните средби во Приштина беа „добра можност за да се разговара за плановите (на ЕУ и САД) за наредните недели и месеци“, во однос на продолжувањето на косовско-српскиот дијалог, кој е прекинат од пред повеќе од половина година.
Ескобар, нагласувајќи дека САД недвосмислено „ги поддржуваат независноста и суверенитетот на Косово“, порача дека Вашингтон го поддржува процесот на косовско-српскиот дијалог што се води под покровителство на Брисел.
– Од американска перспектива сакам само да нагласам дека САД ги поддржуваат независноста и суверенитетот на Косово… Вие треба да бидете пријатели на САД и Косово треба да го следи својот пат кон евроинтеграциите, изјави Ескобар.
Косовскиот премиер, Курти по средбата со Лајчак и Ескобар изјави дека официјална Приштина е ангажирана во процесот на дијалогот со Србија, како и дека „ја поддржува регионалната соработка“ преку Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар.
Тој нагласи дека територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово „остануваат неповредливи, независно до секакви обиди од било кого“.
– Владата на Република Косово го поддржува и е ангажирана во процесот на преговори во Брисел за принципиелен и балансиран дијалог,од кој треба да имаат корист граѓаните на двете земји. Ние сме решителни во тоа дека територијалниот интегритет, суверенитетот, државното функционирање и законитоста сето време и секаде остануваат неповредливи, независно од секакви обиди од било кого, рече Курти.
Во соопштението од кабинетот на косовската претседтелка Османи по средбата со Лајчак и Ескобар, се вели дека шефицата на косовската држава им рекла на двајцата дипломати дека е посветена на дијалог со Белград, кој ќе резултира со меѓусебно признавање на двете држави.
Османи изјавила дека „веќе е јасно оти Србија, со нејзиниот некостриуктивен однос, е таа која го блокира процесот на дијалог“ и „не само што продолжува да не ги спроведува претходните договори, туку и поставува јасни пречки секогаш кога учествува на средбите организирани во рамки на дијалогот во Брисел“.
Европскиот и американскиот дипломат синоќа се сретнаа и со косовскиот вицепремиер, задолжен за преговорите со Белград, Бесник Бислими, а во продолжение на посетата на Косово, за денеска и утре, според најавите од Амбасадата на САД и Канцеларијата за врски на ЕУ во Приштина, предвидени се средби со косовски политички лидери, претставници на меѓународната заедница, како и со претставници на граѓанските организации.
Во најновиот заеднички обид на САД и ЕУ да го заживеат процесот на преговори, Ескобар и Лајчак ќе престојуваат во Косово до среда, 2 февруари, по што ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград.
Ново на Сител
-
Барале пари за да дадат информации - Нови детали за изчезнувањето на Лидија
-
Родри ја освои Златната топка со 41 глас повеќе од Винисиус
-
Мицкоски: Се обидуваме „Рош“ да се вратат и граѓаните да добијат врвна здравствена услуга по конкурентни цени
-
Според тестирањата во прилепските градинки, секое второ дете има проблеми со говорот
-
Мицкоски: Дефинирани се цените и производите опфатени со новогодишната кошничка
-
Од утре температурите пониски за пет до седум степени
-
ПСЖ би можел да го ангажира Куртоа за да му се одмазди на Реал за Мбапе
-
Едно лице загина, 13 се повредени во напад на руски дрон врз Одеса