Бизнис
4. October 2016 - 19:46

Есенва 650 пензионери бесплатно ќе се релаксираат во туристичките места

Нова група на пензионери месецов ќе искористи бесплатен туристички викенд во некој од туристичките центри во земјата. Со тоа вкупно 2500 граѓани ќе ја искористат мерката која е предвидено да продолжи и во 2017-та.

Во октомври бесплатни викенди за 650 пензионери

Од месецов нови 650 пензионери заминуваат на бесплатен туристички викенд. Во есенскиот циклус на мерката група од повозорасните граѓани кои се пријавиле на јавниот оглас ќе имаат можност за тродневен престој во туристичките центри во земјава.

- Пензионерите кои се пријавија на јавен и транспарентен оглас, ќе имаат можност да искористат бесплатен туристички викенд во еден од четирите предвидени туристички центри, односно во Охрид, Отешево- Преспа, Дојран и Берово. Викендот е врз база на тродневен престој кој опфаќа две ноќевања со полни пансиони и организиран превоз од местото на живеење на пензионерот до туристичкиот центар и во обратна насока, истакна Александар Ѓорѓиев, портпарол на владата.

Со оваа група, на годишно ниво мерката ќе ја имаат искористено 2500 пензионери за што владата издвојува 9 милиони денари од буџетот. Од владата велат дека викендите се реализираат вон типичната сезона и за да се излезе во пресрет на туристичките капацитети.

 -Од една страна овие средтсва се значајни за задоволување на потребите на пензионерите, но и овие средства се трансферираат кон туристичките капацитети што е значајно за туристичко-угостителскиот сектор особено имајќи во предвид дека најголем дел од овие смени се реализираат во еден период кој е надвор од класичната туристичка сезона односно во период во кој туристичките капацитети имаат помала побарувачка, нагласи владиниот портпарол.

Проектот за бесплатен туристички викенд предвидено е да продолжи и догодина со нова група на 2500 пензионери.