Бизнис
27. November 2018 - 13:45

Енергетската ефикасност клуч за намалување на енергетската сиромаштија

 

Енергетската ефикасност е првиот чекор за да се решат проблемите со енергетската сиромаштија во регионот и во Македонија, бидејќи тоа е единствената мерка која ги намалува сметките за енергија и истовремено ја подобрува удобноста на живеењето, порача Славица Робиќ, експеротот на ГИЗ на Вториот парламентарен форум за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност и клима, што денеска се одржува во Скопје во организација на Отворениот регионален фонд на GIZ за Југоисточна Европа – Енергетска ефикасност.

Фокусот на годинашниот Форум се најдобрите парламентарни практики за енергетска ефикасност во Југоисточна Европа и креирањето политики за намалување на енергетската сиромаштија во регионот. Првиот Форум се одржа лани во декември во Виена кога стана збор за енергетската ефикансост и обрските кои произлегуваат од европските директиви.

Робиќ нагласи дека енергетската ефикасност доби одредени признанија во регионот и владите на некои од државите почнаа да вложуваат во различни програми, но сепак, додаде, енергетската сиромаштија сеуште е доста непреознаена тема. Во некои земји, како што кажа, политичарите во предизборните кампањи ја користат енергетската ефикасност за да го промовираат она што го прават, но сепак ни требаше многу време за да се стави на политичката агенда.

-Сепак на политичката агенда речиси и да не се споменува дека голем дел од домаќинствата се повеќе има проблеми со плаќањето на сметките за греење, електрична енергија, па дури и за вода. Овој број секоја година се зголемува заради поскапувањето. Многу луѓе живеат во несоодветни услови и во зима мора да затворат дел од куќата, бидејќи не можат да ја затоплуваат цела и греат само една соба. Поради тоа е студено и има влага. Докажано  е дека живеењето во енергетска сиромаштија негативно влијае на здравјето, а кога се вложува во енергетска ефикасност истовремено се намалуваат сметките и се решаваат  сите проблеми од живеењето во несоодветни услови, рече Робиќ.

За мерката со која се нуди државна помош во плаќањето на сметките за потрошена струја за енергетски сиромашните граѓани, оцени дека донекаде помага, но не ја решава суштината на проблемот. Тие луѓе, како што кажа, и понатаму живеат во несоодветни услови за домување и всушност немаат начин да излезат од затворениот круг во кој ниту можат да вложат за да ја сменат својата состојба,  ниту, пак, да продолжат редовно да ги плаќаат своите сметки во иднина.

-За подобрување на енергетската  ефикасност би било добро да постојат бескаматни кредити како што има во некои земји од Западна Европа каде им се овозможува на граѓаните кои живеат во неповолни услови да вложат во подобрување на енергетската ефикасност. Во Југоисточна Европа нема некое такво искуство. Најдалеку е отидена Хрватска каде со владините програми се нуди неповратна инвестиција од 40 до 60 отсто за подобрување на енергетската ефикасност преку Фондот за енергетска ефикасност, истакна Робиќ.

Посочи дека повеќе од  50 милиони домаќинства во Европската унија се засегнати од проблемот на енергетска сиромаштија, а во Романија, Бугарија и Хрватска бројот на населението што е засегнато од енергетската сиромаштија е повсок отколку во другите западноевропски земји. За ЈИЕ, како што кажа, нема официјални статистички податоци, но според условите на терен, потенцира, состојбата е многу полоша.

Давид Оберхубер, директор на GIZ за Македонија и Косово рече дека климатските промени и енергетскате ефикасност се клучни теми кои мора да се дел од процесите на трансформација на земјите од Западен Балкан.

-Енергетскате ефикасност е една од клучните алатки за решавањето на проблемите со климатските промени. Енергетската ефикасност за земјите од регионот на ЈИЕ, пак, може да биде поддршка за намалување на потрошувачката на енергија. Инвестирањето во енергетска ефикансост дава можност да се добие потенцијал за раст на економијата, а тоа може да се сголеда од примерот на Германија, рече Оберхубер.

Порача дека целна група им се парламентарците, бидејќи преку нив може да се изгради јавниот консензус и да се дизајнира процесите да бидат прифатени од општеството.

Македонскиот парламентарец Хари Ловенец порача дека заедно со колегите од македонското Собрание ќе дадат максимум за забрзување на процесите, реформите и стандардите кога станува збор за енергетската ефикасност и климата.

-Дополнително ги повикувам и моите колеги од регионот да се придружат на нашата иницијатива за заедничка изјава која ќе биде претставена пред надлежните домашни и меѓународни институции со што ќе покажеме колективна посветеност и иницијатива за овие прашања, рече Локвенец.

Се надевам, додаде, дека по завршувањето на форумот ќе се успееме да најдеме заеднички решенија кои ќе ја подобрат состојбата со енергетската сиромаштија и енергетската ефикасност во земјите од регионот, како и начини да се подобри соработката на парламентите во делот на енергетските политики.