Енергетска криза - првиот човек на Европската енергетска заедница дојден во Македонија
Струјата ќе поскапува во наредниот период, а стабилизација и намалување на цената на енергенсот се очекува од пролет. Вакви се прогнозите на првиот човек на Европската енергетска заедница. Јанез Копач порачува сите да штедат струја, а државата да интервенира кај сиромашните.
Додека Енергетската заедница укажува на раст на цените, од Регулаторната комисија велат дека е рано за пресметки.
Копач вели дека станува збор за глобална криза во која ударот може да го амортизираат само тие држави кои имаат големо сопствено производство, а Македонија нема. Не гледа конкретен виновник за состојбата во земјава, туку проблемот го лоцира во немањето инвестиции.
Загриженост за состојбата во земјава искажаа и од Германското стопанство во земјава бидејќи во моментов се троши двојно повеќе струја отколку што се произведува.
„Македонските производни компании се загрижени поради претстојната енергетска криза, но и поради последиците кои ќе ги предизвика недостигот на струја“, напиша директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ нема план како да ја извлече државата од енергетската криза.
„Само во изминативе недела дена државата увезе струја во висина од 9 милиони евра, истата таа струја доколку се произведуваше во домашните капацитети ќе се произведеше за скоро 5 пати пониска цена“, пишува во партиското соопштение.
Дека по Нова Година ќе дојде до поскапување на струјата предупредуваат и енергетичарите, кои очекуваат и рестрикции. Но, министерот за економија повеќе пати потенцираше дека рестрикции нема да има, а државата презема мерки за заштита на граѓаните од ценовен шок.
-
Мирјана Јовеска
Сите содржини од овој новинар
