Бизнис
24. January 2017 - 20:16

ЕЛЕМ нарача изработка за студија на три гасни централи низ Македонија

ЕЛЕМ ќе ги испитува условите и исплатливоста за изградба на три когенееративни електрани на природен гас низ Македонија.

Државната компанија потпиша договор со хрватската фирма Еконерг од Загреб за изработка на префизибилити студија која во следните четири месеци треба да утврди три најдобри локации во земјава за електраните.

За Скопје, како една од локациите ќе се испитува постојната електрана „Енергетика“ во кругот на скопската железарница, односно условите за нејзина надградба или пак ќе се препорача комплетно нова електрана.

Втора локација ќе се бара во тетовско-гостиварскиот регион, а третата на потегот Штип – Велес – Кочани.

Покрај производство на електрична енергија, треба да се утврдат и можностите за снабдување со топлинска енергија од овие електрани за околните населени места.

Користењето на природниот гас како гориво за добивање струја и топлина, ќе придонесе за намалување на загадувањето во овие градови.

Тендерот за префизибилити студијата беше распишан лани во август и за неа ЕЛЕМ одвоил 6,4 милиони денари. Студијата ќе служи за натамошна реализација на проектот.