Електронски потврди за крводарителите
Повеќе од 30.000 осигуреници-крводарители кои 10 или повеќе пати дарувале крв не треба да доаѓаат за хартиена потврда во подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а секој нов осигуреник-крводарител кој дарувал крв над 10 пати автоматски ќе биде внесен во регистарот на крводарители во Република Македонија, кој е дел од новиот електронски систем, а во рамки на владиниот проект „Електронски потврди за крводарители“.
Од денеска сите здравствени установи преку порталот на ФЗОМ ќе можат да видат дали осигуреното лице е крводарител. Оваа новина значи олеснување за осигурениците и е кратење на бирократските процедури. Дополнително, значи и заштеда на време и нема веќе чекање по шалтери.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, кој рече дека електронски потврди за крводарители е проект на Владата, кој Фондот го реализира за да обезбеди олеснувања на осигурениците-крводарители кои во својот живот дарувале крв најмалку 10 пати, со што се стекнале со статус на крводарител и со тоа согласно програмата на Владата имаат право на ослободување од плаќање на партиципација за користење на здравствени услуги.
За таа цел, нагласи, Фондот воспостави соработка со Институтот за трансфуциона медицина на Република Македонија, кој според постоечките законски акти, е надлежна институција за прибирање податоци за дарителите на крв.
Појасни дека реализацијата на проектот се одвивала во неколку фази и траела шест месеци.
- Првата фаза опфаќаше дефинирање на проектниот план за динамиката на реализација, односно дефинирани беа временските рамки за подготвителните активности. Втората фаза опфати оперативни и организациски мерки, односно внес на податоците за крводарителите од страна на центрите на Институтот за трансфузиона медицина. Третата фаза опфати регулирање на првните аспекти за реализација на проектот и проверка на функционалноста на апликациското решение, односно регистарот, истакна Стефаноски.
Додаде дека проектот почнал со потпишување Меморандум за соработка со Институтот за трансфузиона медицина за размена на податоци за крводарители, за ослободување од плаќање на партиципација за користење на сите видови здравствени услуги на примарно и секундарно ниво на здравствена заштита, освен за партиципација кај матични стоматолози на примарно ниво, лекови на рецепт и лекување во странство.
Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека финалната фаза на реализацијата е електронска потврда за крводарител, која овозможува евидентирање и преглед на сите лица крводарители кои се стекнале со право на ослободување од плаќање на партиципација. Овој регистар претставува база на податоци која е достапна на сите здравствени работници во здравствените установи кои имаат склучено договор со Фондот и имаат пристап на неговиот портал.
- Овластено лице од Институтот за трансфуциона медицина кое претходно е евидентирано во системот на ФЗОМ и има добиено привилегија за пристап до регистарот прави внес на лица кои тој ден се стекнале со право за ослободување од плаќање партиципација односно дарувале крв по десетти пат. Вака внесените податоци се верификуваат со дигиталниот сертификат од електронската здравствена картичка на овластеното лице и стануваат достапни во реално време на профилот на осигуреното лице, како и на профилот на матичниот лекар, рече Рамадани.
Додаде дека со овој проект се прави уште еден чекор напред во поедноставување на постапката за остварување на право на осигурениците, а тоа значи точност на податоци, односно сведување на минимум на можни грешки и реални податоци кои се база за правење сеопфатни анализи кои се основа на добрите здравствени политики.
Директорката на Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија, Емилија Велкова рече дека 30.000 осигуреници-крводарители кои дарувале крв 10 или повеќе пати крв, се хумани граѓани кои ќе ги остварат своите права за ослободување од партиципација и со овој проект веќе нема да имаат потреба да носат хартиена потврда како досега, нема да имаат потреба од чекање по шалтери и од каква било документација кога одат на прегледи. Таа им се заблагодари на сите крводарители и им посака добро здравје.
Ново на Сител
-
Демонстрантите во Нови Сад - 48 часа пред Градското собрание за да им се исполнат барањата
-
Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант
-
Почна протест во Нови Сад, развиен транспарент - Виновни сте, ќе одговарате
-
Блокадата на пристапот кон депонијата кај Кочани продолжува, дел од барањата се исполнуваат
-
Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи, поднесени во кумановската полиција
-
СЗО: Голема медицинска евакуација од Газа е планирана неделава
-
СВР Велес со детали за сообраќајката во која загина едно лице, а три се тешко повредени кај Рибарци
-
„Гледам момче бледо како крпа, ги нема нозете а нема крв“, потресна исповед на таксист кој помагал на повредените во несреќата во Нови Сад