Македонија
24. January 2023 - 16:36

Експертската јавност оценува дека реакцијата е задоцнета, Македонија нема јасни црвени линии

Експертите со поделени ставови по барањето на Пендаровски да им биде забранет влезот на европратеникот Џамбаски и други бугарски политичари поради понижување на македонскиот народ. Аналитичарот Агим Јонуз за Сител вели дека главниот проблем е што Македонија нема црвени линии кои ќе ги бранат националните интереси.

„Ние не покажавме ниту една или барем не се задржавме на ниту една црвена линија што се однесува на дигнитетот на македонската нација. Тоа што го најави претседателот Пендаровски се надевам дека нема да биде обична флоскула и нема да биде фраза која ќе остане во етерот. Доколку ние не почнеме, што би рекол народот, народски кажано „још јуче“ да практикуваме мерки кои ќе не штитат во делот на чувањето на дигнитетот на македонската нација, мислам дека не одиме по добар пат“- Агим Јонуз, аналитичар

За поранешниот амбасадор, Нано Ружин, барањето на Пендаровски е само предупредување. Смета дека последните случувања дополнително ќе ги заладат македонско-бугарските односи, а евентуалното прогласување на персона нон грата, ќе донесе последици и за нашата земја.

„Кога ќе повлечете таков еден чин, морате да очекувате реципроцитет. Тоа ќе значи дека на одредени лица од нашата држава би им бил забранет пристап. Дали тоа ќе бидат пратеници, дали тоа ќе бидат лидери на политички партии коишто се изразуваат на овој начин и се познати со нивните екстремни ставови или ќе бидат дипломати, се уште не е познато“ – Нано Ружин, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО

Опозицијата, пак, вели дека власта се брука пред светската јавност и ги урива позициите и интересите на државата.

При посетата на Османи во Софија, додека министерот за надворешни работи на Бугарија, Милков, ја оцрнуваше Македонија и ги претстави Македонците како историски насилници, Османи само немо седеше, а со тоа и индиректно даде потврда за ставовите искажани од Милков. За да биде и штетата поголема, вчера во гостувањето на Османи на една бугарска национална телевизија, тој се понуди да ги советува Бугарите, како да се интегрирале во Македонија и да отвореле што повеќе клубови, стои во соопштението.

Интервјуто на Османи наиде на остри реакции и кај академската фела. Професорката Мирјана Најчевска на ФБ прашува што бара македонски министер да посетува бугарски граѓанин?

„За министерот како највисок судски орган и пред завршување на постапката нема осомничени или обвинети, туку сторители. Министерот како највисок судски орган веќе го утврдил мотивот за претепувањето. Министерот ни соопшти дека двете држави се пријателски само има една мала група која го киднапира ова пријателство, само пропушти да спомне дека во Бугарија на чело на оваа мала група се Претседателот на државата, Владата, локалните власти. Министерот како највисок судски орган ни соопшти дека дава верба на она што го кажал Христијан, а не дава верба на тоа што го кажуваат осомничените/обвинетите и сведоците во постапката. И уште ни соопшти дека истрагата сигурно ќе утврди дека нападот бил заради тоа што Христијан се идентификува себе како Бугарин (или е бугарски граѓанин, овде веќе ме изгубија). “, меѓудругото пишува Најчевска.