Македонија
26. August 2025 - 16:37

Експерти: Родители да не очекуваат по секоја цена нивното дете да биде професионален спортист

Инцидентот на младинскиот спортски натрпевар кој се случи викендов во Штип не е реткост на трибините. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, од почетокот на годинава, месечно се регистрирале по десетина.

Од први јануари до 25 август, МВР регистрирало 75 настани на насилство и недостојно однесување на спортските натпревари. Најголем дел од нарушувањата, или 45 се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје. Во инцидентите, биле повредни 15 лица.

Проблемот, експертите го гледаат во недоволната едукација на родителите чии деца се дел спортските натпревари. Велат, не може по секоја цена да очекуваат детето да биде професионален спортист.

„Во случај да вашето дете не биде професионалец, тоа треба преку спортот да се изгради како личност. Дали, вака преку евидентен ќотек вие го градите и сопственото дете и детето на кое што сте му удриле ќотек. Проблемот е што оставате белег и кон сопственото дете и кон другите. Од тој аспект говорам дека разговороите од овој тип со родителите верувам дека ќе вродат со плод ако внимателно им се објасни нивната улога како родители на децата кои се во спортот“, вели Иван Анастасовки, Професор на Факултет за физичко образование.

Податоците на МВР пак покажуваат дека насилството на родителите и нивниот речник биле секојдневие на натпреварите. Во изминатите осум месеци биле поднесени кривични пријави против 11 лица, се гонат за насилство врз дете, напад врз овластено службено лице и спречување на нивната работа.

Имало и 13 барања за поведување прекршочни постапки заради насилство и недостојно однесување на спортски натпревари, за кои следуваат парични казни.

Професорот Анастасовски смета дека примената на законите кои предвидуваат затворкси казни и до 10 години, може да го спречи насилството на спортските терени.

Родителот кој натепа две деца на фудбалскиот натпревар во Штип од вчера е во притвор. Обвинителството го гони за загрозување на сигурноста на децата и предизвикување чувство на несигурност кај останатата публика.