Македонија
24. March 2024 - 16:54

Еколошка акција ,,Пластични шишиња за овошна садница"

За 30 пластични шишиња овошна садница по избор. Општина Босилово трета година по ред пролетта ја започнува со еколошка акција која има за цел да го намали пластичниот отпад, да ги мотивира граѓаните да селектираат, но и да ги едуцира дека таа има употребна вредност и може да се рециклира. Акцијата беше реализирана на 16 пунктови во сите населени места во кои секое домаќинство што ја собра потребната количина пластични шишиња доби бесплатно овошно дрвце.

Граѓаните од сите населени места во Босилово масовно се вклучија во акцијата. Велат, ова е добар начин да се подигне еколошката свест за селекцијата, но и да се зголеми бројот на посадени дрва во општината.

На иницијатива на младинскиот совет акцијата ќе има и втор дел во кој е планирано секој од граѓаните што ќе собере одредена количина пластични шишиња како замена да добие цветни садници.  Во изминатите три години преку оваа еколошка акција собрани се околу 3 тони пластика и поделени близу 4000 овошни дрвца.