ЕК размислува за целосна конфискација на замрзнатите руски средства, Белгија изразува резерви
Европската комисија не ја исклучува можноста за целосна конфискација на замрзнати руски средства во ЕУ и покрај предупредувањата на Белгија дека таквиот потег би можел да биде оквалификуван како незаконски и дури и да ја загрози финансиската стабилност на Еврозоната.
Досега ЕУ за поддршка на Украина ги користеше само средствата остварени како профити од каматите на замрзнатите руски средства, но не и нивната главница.
Вкупната сума на замрзнати руски средства во ЕУ изнесува околу 210 милијарди евра, од кои речиси 180 милијарди се наоѓаат во „Еуроклир“, клириншка куќа со седиште во Брисел.
Еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис порача дека Москва мора „да се натера да плати“ за нејзината агресија врз Украина, најавувајќи разгледување на можност за запленување на руските замрзнати средства во ЕУ и покрај „сите економски и правни ризици“.
Од друга страна, белгискиот министер за финансии Винсент Ван Петегем оцени дека конфискацијата на руските средства може да создаде „сериозни правни и економски ризици“ за Еврозоната.
– Конфискацијата е еднократна мерка, што не е ништо во споредба со континуираниот проток на ресурси што ги добиваме од профитите, рече Ван Петегем.
Европски дипломат оцени дека ваквиот став на Белгија во голема мерка е резултат на нејзината загриженост за „потенцијалната финансиска и репутациска штета“ на „Еуроклир“, доколку средствата бидат еднострано конфискувани.
– Белгија сака правна сигурност и гаранции за избегнување на ризикот трети земји повеќе да не му веруваат на „Еуроклир“ за депонирање на своите пари или пак Русија да го тужи „Еуроклиар“, наведе дипломатот во изјава за „Еурактив“.
Можноста за целосна конфискација на замрзнатите руски средства ја најави и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас за време на нејзиното сослушување во Европскиот парламент во ноември минатата година.
По ова, Домбровскис во интервју во декември изјави дека ЕУ треба да ги „испита и да работи на остварување на сите опции“ поврзани со замрзнатите руски средства.
Од друга страна, претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард уште лани предупреди дека евентуалната конфискација на руските средства би создала ризици за нарушување на меѓународниот поредок во услови кога Западот бара негово почитување од страна на Русија.
Извршниот директор на „Еуроклир“, Валери Урбејн минатиот месец предупреди дека конфискацијата на руските средства ќе отвори многу прашања.
– Ако дојде до конфискација на средствата се е во игра, оцени Урбејн во интервју.
Според дипломатски извори, покрај Белгија, и неколку други членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, Холандија и Луксембург, исто така изразиле загриженост од „правните и финансиските ризици“ поврзани со конфискацијата на руските средства.
Ново на Сител
-
Спречени обиди за криумчарење на лекови, медицински игли, тутун, облека и обувки
-
Најмалку 66 загинати во пожарот во хотелот во турскиот ски-центар
-
ЕП го одобри Договорот за Фронтекс меѓу ЕУ и Србија
-
ЕУ одобри 60 милиони евра помош за Вооружените сили на Либан
-
Пристигнува револуцијата на доставата во Македонија!
-
Просечната нето плата во ноември 41.999 денари
-
Му кажале дека има 17.000 долари на сметка но за да ги подигне треба да внесе пари, 58-годишник измамен во Тетово
-
25-годишен радовишанец се обиде да ограби дом на 77-годишник