Македонија
16. April 2018 - 16:13

ЕК дава чиста препорака, Заев вели дека е заслужена

Чиста безусловна препорака за почеток на преговорите за членство на Македонија со ЕУ е содржана во нацрт-извештајот на ЕК, што официјално ќе биде објавен утре.

Во документот, како што наведува државната агенција МИА, се потенцира дека одлучувачки ќе биде задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети.

Со цел да го поддржи тоа, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата. 

ЕК забележува дека Македонија во голем дел ја надмина длабоката политичка криза, а потребните структурни реформи се бавен процес за што ќе бидат потребни години и штетата направена во последните години нема да биде поправена преку ноќ. Притоа се поздравува справување со итните реформски приоритети преку искрена желба за реформи и објективна проценка на состојбите, и консултации со сите актери вклучително и опозицијата на инклузивен и транспарентен начин.

- Тоа што е уште поважно, политичката волја да се придвижува напред е уште еднаш јасно изразена. Позитивна промена во политичкиот менталитет се забележува во целото општество, чие отсуство беше најголема пречка во последните години, пишува во нацрт извештајот.

Премиерот Заев смета дека препораката е заслужена оти владата многу сработила во реформите.

И шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини пред средбата на министрите на земјите членки изјави дека Унијата е максимално ангажирана за придвижување на процесот за проширување.

- Тоа е стратешки регион за Европа. Тој е Европа, иако дел од него се уште не е дел од Европската Унија. Планирам да го посетам регионот веќе утревечер. Значи ќе имаме шанса со минестрите да размениме мислења како подобро да работиме со нашите партнери од Западниот Балкан на заедничката безбедност и просперитет, изјави Могерини.

Инаку, расправата на денешната министерска средба за напредокот на земјите од регионот, е дел од подготовките за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, што ќе се одржи на 17 мај во Софија.