Бизнис
30. May 2022 - 21:21

ЕИБ отвори претставништво во Скопје - Што ќе финансира и зошто е лоша реализацијата на патната инфраструктура?

Неопходни се квалитетни човечки капацитети кои ќе изменаџираат непречена и навремена реализација на инфраструктурата од Коридор 8. Од Европската инвестициска банка порачуваат дека финансиите не се единствено нешто на што треба да се стави фокусот. Очекуваат и Македонија и Бугарија да ангажираат соодветни кадри кои ќе овозможат вистинска реализација на терен.

Европската инвестициска банка отвори и свое претставништво во Македонија, со што се очекува да ја засили техничката и финансиска поддршка не само за инвестициите од централната или локалната власт, туку особено за инвестициски проекти од приватниот сектор.

Од осамостојувањето на Македонија до сега Европската инвестициска банка обезбедила 1,1 милијарди евра за реализација на проекти за транспорт, енергетика и комунална инфраструктура, или проекти кои обезбедуваат развој и адаптација на земјава во процесот на пристапување кон Европската Унија. Се очекува со новоотвореното претставништво ЕИБ да ја зголеми поддршката на клучните инфраструктурни проекти, инвестициите на локалната власт, како и помош за малите и средни претпријатија во земјава.