Свет
18. February 2025 - 11:42

Еден ранет во нов оружен инцидент во бриселската населба Андерлехт

– Едно лице е повредено доцна синоќа во нов, шести оружен инцидент во бриселската населба Андерлехт во изминативе две недели, јави дописникот на МИА од Брисел.

Според белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, синоќешниот инцидент се случил околу 22,25 часот на плоштадот во близина на метро станицата „Сен Гвидо/Сен Гидон“, кога засега непознат сторител пукал во жртвата, по што со електричен скутер побегнал од местото на настанот.

Повредениот се здобил со полесна прострелна рана во ногата и е вон животна опасност. По санирањето на повредата, тој бил сослушан од полицијата.

Според првичните сознанија од истрагата, напаѓачот испукал само еден куршум, со кој ја погодил жртвата. Мотивите за нападот засега не се познати.

Ова е втор последователен оружен инцидент во реонот на метро станица „Сен Гвидо/Сен Гидон“, по оној што случи околу 1,45 часот во ноќта меѓу неделата и понеделникот. При оваа пукање немаше жртви.

Инаку, синоќешниот е шести оружен инцидент во Андерлехт во последниве две недели, при кои беа убиени две лица.

Серијата инциденти започна во ноќта меѓу 4 и 5 февруари со пукотници пред метро станицата „Клемансо“ во Андерлехт, при што немаше жртви.

Сторителите побегнаа од местото на инцидентот низ тунелите на метрото. При полициската истрага беа пронајдени 23 чаури, како и докази за пет удари од кундак на „Калашников“ на фасадата на една куќа.

 Следниот ден, при инцидент во истиот реон, во ногата беше ранет еден 50-годишен маж, кој претходно немал полициско досие.

 Ноќта меѓу 6 и 7 февруари, пак, близу станицата „Клемансо“ беше убиен 55-годишен маж, кој претходно бил лишуван од слобода поради кражби.

 Во 15 февруари доцна вечерта на влезот во „Клемансо“ беше убиен 19-годишен осомничен дилер на дрога.

 Полицијата верува дека овие инциденти се поврзани со „војната“ за контрола на територија меѓу криминалните групи „Омале“ и „Петербос“, кои се вклучени во шверц на дрога.