Македонија
1. April 2025 - 16:41

Еден од најтешко повредените во дискотеката во Кочани е подобар, тројца и понатаму се во критична состојба

Подобрена е состојбата на еден од четворицата најтешко повредени во пожарот во дискотеката во Кочани кои се на лекување во странство, информираше министерот за здравство. Тројца се уште се во критична состојба. 

- Бројката на критични пациенти е намалена на тројца. Но тоа не значи дека така ќе продолжи, кај некои пациенти за жал има флуктуација во нивната здравствена состојба, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Денеска во земјава ќе се вратат уште двајца од повредените кои беа згрижени во Полска и Белгија. Во странски центри во моментот има 80 пациени, а 20 се на лекување во македонските болници. 

- Неделава се очекува да се вратат полесно повредените пациенти, што се рехабилитирани целосно. Од следната недела треба да се разговара за враќање на лицата кои беа потешко повредени во пожарот. За нивната рехабилитација се разглаедуваат неколку опции како што е адаптација на простротот каде беше сместен ковид центарот во ГОБ „8 Септември“, но и Центарот за рехабилитација во Козле може да прими пациенти. Има и понуди надвор од државата за пациентите на кои ќе им биде потребна подолга рехабилитација, за што трошоците ќе бидат покриени од тие држави, рече Таравари.

Во меѓувреме тимови со специјалисти од повеќе области неколку дена во неделата ќе одат во Кочанската болница за одблиску да ја следат состојбата на повредените кои се пуштени на домашно лекување.