Еден месец по трагедијата во Кочани
Помина еден месец од најголемата трагедија во Македонија. Импровизираната дискотека „Пулс“ во која загинаа 61 лице, а над 200 беа повредени сѐ уште е под 24-часовно полициско обезбедување. Објектот и денеска е ограден со полициски ленти, а влезот внатре не е дозволен.
На задната страна на објектот се гледа дека дел од конструкцијата е пропадната внатре. Засега непознати се причините зошто пропаднал дел од таванот.
„Кочани е мртов град“ - ова беше најчестата и најгласната порака по пожарот во „Пулс“. Денес, Кочани сѐ уште ја преживува трагедијата. Кочанчани велат нема да ги заборават жртвите, но животот мора да продолжи понатаму.
Повредените сѐ уште се лекуваат. Но се лекуваат и оние кои немаа физички повреди, но беа во „Пулс“ на кобниот 16 март. Дарио Трифунов е младо момче кое за среќа вечерта било на маса близу излезот на дискотеката. Пред објективот на Сител раскажа сѐ што видел вечерта, помошта која ја давал, но зборуваше и за траумите потоа. Вели, првите три дена по трагедијата биле најтешки.
-За спиењето имав многу голем проблем. Кога ќе ги затворев очите се потсетував на сликите, на миризбата на изгорената кожа. И навистина, не можев да одам. Кога бев на проверка, не можев да влезам внатре и со психолози, со друштво, исто така разговарам дневно, вели Дарио Трифунов.
Голема помош за пребродување на психичките трауми бил Сапорт Кочани - иницијативата од млади кочанчани кои направија систем за директно донирање за жртвите од пожарот. Работата таму вели, му ги оттргнала мислите од сликите кои постојано му се враќале.
Дарио вели, Кочани сѐ уште не може да излезе од црнилото кое го зафати градот.
-Се чувствува дека тоа се случи, сѐ уште се памти. Половина од градот е празен, кафулињата не се полни како што беа. И на училиште друга е атмосферата, никој нема мотивација за учење. Но ни помага тоа што сме заедно. Разговор, зафрканција, ќе се насмееме и на момент забораваме. Така е подобро, се подобрува.
По речиси еден месец Кочани доби градоначалник - но само вршител на должност до одржување на локалните избори на есен. Венко Крстевски ја презеде функцијата, а денеска ја одржа и првата прес-конференција. Изборот на в.д. Градоначалник беше клучно за општината да може да функционира нормално бидејќи постоеше опасност вработените во институциите под капа на општината да останат без плата.
Прашан како е денес во Кочани, еден месец по трагедијата, Крстевски вели - ситуацијата е трагична.
-Никогаш нема и не смее да се заборави. Ова е трагедија од светски карактер. Ситуацијата е трагична. Апатија владее на секој чекор, вели Крстевски.
Вели, не е задоволен од начинот на кој се води истрагата и побара конечно да почне да функционира владеењето на правото.
-Јавноста во Кочани, пред сѐ, фамилиите на настраданите и починатите, а и јас го делам истиот став, е дека сме незадоволни од целата постапка после несреќата. Сметам дека истата треба да биде неселективна и транспарентна, вели Крстевски.
-Ќе успее ли Кочани да се врати во нормала?
-Ќе успее да, но мислам дека нема да биде во скоро време. Како што вели поп Димитар - „Кочани беше мртов град, но ќе воскресне повторно, вели Трифунов.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар