Свет
16. March 2016 - 8:55

Еден екстремист убиен во антитерористичка операција во Брисел

Еден француски и тројца белгиски полицајци се повредени, а еден вооружен екстремист е убиен при вчерашната заедничка антитерористичка операција на белгиската и француската полиција во бриселскиот кварт Форе, соопшти белгиското федерално обвинителство. 

- Во рамки на истрагата за парискиот атентат (на 13 ноември 2015 година) извршен е претрес на дом во квартот Форе, соопшти обвинителството. 

- Во текот на операцијата едно или повеќе лица отвориле оган врз полицајците и повредиле четворица од нив, се наведува во соопштението. 

- Еден од осомниченените, вооружен со Калашников,  е убиен за време на акцијата.  Во моментов се утврдува неговиот идентитет, се додава во соопштението. 

Убиениот сепак не е Салах Абдеслам, главниот осомничен за нападите во Париз, кој сеуште е на слобода. 

Престрелката се случила откако вчера попладне заедничкиот тим на белгиската и француската полиција заминал на „редовна“ проверка на адреса, во рамките на истрагата поврзана со ноемвриските напади во Париз. 

- Истрагата ќе продолжи, во овој момент немаме можност да обезбедиме дополнителни информации за да не и наштетиме на истрагата, дополнува белгиското обвинителство. 

Премиерот на Белгија, Шарл Мишел синоќа одржа вонредна средба со министерот за внатрешни работи Јан Јамбол и со министерот за правда Коен Генс, а потоа одржа прес-конференција. 

- Имавме среќа. Четворица од нашите агенти се полесно повредени. Можеше да се случи голема „драма“. Нашите полициски службеници продолжуваат да работат на терен, изјави Шарл Мишел. 

Белгискиот премиер ги повика Белгијците да останат смирени и да изразат благодарност и солидарност кон повредените полицајци.