Балкан
13. May 2020 - 10:59

ЕБРД предвидува пад на словенечката економија од 5,5 отсто

Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), поради пандемијата на коронавирусот предвидува пад на словенечката економија од 5,5 отсто, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Според истата проекција, по падот, следната година ќе следува раст од пет отсто.

Во последниот извештај, ЕБРД ја влошила прогнозата за економијата на Словенија, но тоа предвидување и понатаму е подобро од извештаите на други институции. Канцеларијата за макроекономска анализа и развој (ИМАД) предвидува пад од 8,1 отсто, а според анализата на Европската комисија тој ќе изнесува седум отсто. Најголема рецесија сепак предвидува Банката на Словенија, според која падот би можел да изнесува дури 16,1 отсто.

Инаку, ЕБРД смета дека падот на словенечкиот бруто-домашен производ (БДП) ќе се случи поради намалувањето на трговската размена и парализираната европска и светска економија. Словенечката економија е отворена и извозно ориентирана, а годишната вредност на извозот сочинува дури 80 отсто од БДП.