Македонија
14. December 2016 - 14:00

Дводневен состанок за улогата на омбудсманот во заштита на децата бегалци

Преставници од омбудсман канцелариите на Македонија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Србија, Романија, Словенија, Бугарија, Албанија, Косово и на Босна и Херцеговина денеска во Скопје констатираа дека е потребно преку взаемно дејствување да се влијае врз државите во насока на обезбедување хуман и достоинствен третман на децата бегалци и мигранти. 

- Ова ранлива категорија граѓани кои иако се само деца го почувствувале стравот и ужасот на војната. Прогонувани и дискриминирани биле принудени да ги напуштат своите огништа и да тргнат на пат полн со неизвесност и несигурност во потрага по безбедно и посигурно место за живеење, рече денеска на отворањето на состанокот народниот правобранител Иџет Мемети.

За жал, како што додаде, во повеќето земји институциите задолжени за регистрација, упатување и помош останаа неподготвени за оваа состојба. - Притоа недостатокот од заштита и хуман третман го почувствуваа сите, а најмногу најранливите групи, односно жените, децата, пред се непридружуваните деца, старите и изнемоштени лица и лицата со попреченист, истакна Мемети.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа посочи дека како институција се залагаат со децата бегалци кои стигнаа во Македонија без придружба на родители да се постапува согласно оперативните стандардни процедури кои се донесени во ноември 2015 година.

- Неодложно да им се постави старател на овие деца, да се создадат услови за да можат да ги остварат правата на јазик кој најдобро го разбират, со цел да ги поминат сите трауми на кои се изложени, рече таа и додаде дека од почетокот на бегалскаа криза бројката на непридружувани деца кои ја поминаат Македонија или стигнаа  во Македонија изнесува од осум или 10 илјади деца.

Во моментот, како што рече Бајрамовска-Мустафа , од увидот кој го направиле на крајот на ноември за потребите на овој тематски состанок констатирано е дека непридружуваните деца се сместени во безбедносната куќа заедно со другите категории лица во ризик. - Се работи за четири деца, односно пет заедно со непридружуваното дете кое е во Привремениот транзитен центар во Табановце, рече таа.

Народниот правобранител апелира постапката, осносно интервјуто кое ќе се води со детето кое не е придружувано од родител или некој близок роднина, да биде внимателно водена се со цел тоа дете да биде заштитено од било какви злоупотреби.

Според Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“ недозволиво е земјите потписнички на Конвенцијата за правата на детето да дозволат илегално преминување на деца мигранти и бегалци без придружба, затоа што, како што рече, тоа е закана за нивната безбедност. - Тие деца не само што може да бидат грабнати и киднапирани, може и да исчезнат од мапата  на евидентирани, додаде тој.

Дводневниот тематски состанок на тема  „Улогата на омбудсманот во заштита на децата бегалци/мигранти“ е организиран од Народниот правобранител на РМ со поддршка на CRONSEE-Mрежата на детски омбудсмани и организацијата „Save the Children“.