Балкан
6. July 2016 - 12:46

Две жртви во поплавите во турскиот црноморски регион

Големите поплави во Турција го парализираа животот во некои области на земјата. Во црноморскиот регион, во реонот на градот Орду, обилните врнежи предизвикаа смрт на две лица, а едно се води за исчезнато, информира вицепремиерот Нуман Куртулмуш, цитиран од ТВ каналот НТВ.

Особено големи штети врнежите предизвикаа во селата Фатса и Першембе, каде се регистрирани посочените жртви. Екипи на цивилната заштита  и натаму трагаат по исчезнатиот.

Врнежите почнале претходниот ден и траат и денеска.

Прелеана е реката Каџала, што поплави неколку села и предизвика свлечиште.

Разурнати се осум мостови, а повеќе од 10 станбени згради останаа под вода. Надојдената река ги повлекла автомобилите и ги поплавила станбените згради.

Екипи на цивилната заштита со помош на војската спасувале луѓе од поплавените станови во маалата Тарлаџан и Јумруташ. Во некои од маалата има прекин во снабдувањето со електична енергија.

Поплави и свлечишта има и во соседните окрузи Артвин и Трабзон, каде засега нема жртви, но има поплавени патишта, поради што се создадени долги редици од автомобили.

Според синоптичарите, врнежи има и во југоисточна Анадолија, во областите Малатија, Елезаг, Адјаман и други.

Пороен дожд се излеа и врз Истанбул, во реонот на квартот Мертер, на европскиот брег од градот. Поплавени се долните делови од некои станбените згради.