Loading Video...
Македонија
21. September 2022 - 20:00

Две министерства 13 дена мака мачат за да си ги вратат веб страните

Две државни институции се уште не можат да се опорават од хакерските напади од пред 10-ина дена. Министерствата за земјоделство и за образование не функционираат со полна пареа, откако беа цел на сајбер напади кои го отежнаа нивното работење.

Посериозни последици од хакерите трпи Земјоделие. Оттаму велат дека по нападот од 9-ти септември системите во Министерството полека се враќааат во функција, но последиците не се целосно отстранети.

“Документи се издаваат, но работата е отежната. Секој сектор пробува да се прилагоди некаде оди полесно, некаде потешко. Се уште не се во функција службените мејлови на вработените, а засега не знаеме дали воопшто ќе бидат вратени сите фајлови и анализи кои ги нема по хакерскиот напад. Институцијата не е целосно блокирана, но бараме начин за реорганизација побрзо работите да се доведат во ред”, велат од Земјоделие за Сител.

Во ист ден со Министерството за земјоделство, хакерски напади претрпе и МОН. Цел беше нивната интернет страна која се уште не е во функција, а Фејсбук е единствената платформа каде што граѓаните можат да се информираат за активностите на Министерството.

Двата напада се пријавени во ЦИРТ центарот за компјутерски инциденти и во МВР. Резултати од истрагата не се соопштуваат, а во меѓувреме експертите апелираа за поголемо вклученост на Владата во овој проблем и посериозно вложување во сајбер безбедноста, посебно во државните институции.